Слики на македонските уметници Сергеј Андреевски и Никола Иванов-Балтон се изложени во галеријата „Вилма В. Даниелс“ во Вилмингтон, САД, во рамките на ретроспективна поставка со дела од колекцијата на меѓународната ликовна колонија „Без граници“.
Кураторката на изложбата Вики Смит укажува дека нивните дела се презентирани заедно со возбудливите и моќни дела од претходните гости, уметници од САД и од светот. Меѓународната ликовна колонија „Без граници“ е основана во 1998 година од уметниците Памела Тол, Гејл Тастин и Дик Робертс, под инспирација од нивното гостување на меѓународната ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ во Македонија. Досега на „Без граници“ учествувале и уметниците: Глигор Чемерски, Димитар Стојчевски, Славко Упевче, Роберт Цветковски и Марјана Костојчиновска.