Друштвото на ликовните уметници на Македонија одбележува голем и значаен јубилеј, 75 години од формирањето и постоењето на друштвото. По тој повод, на 1 декември во Националната галерија на Македонија, во два објекта, „Чифте-амам“ и „Мала станица“, ќе биде отворена голема јубилејна изложба на членови на ДЛУМ од неговото основање до денес.
На изложбата ќе биде претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајќи од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени што го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па сѐ до новата генерација што ја претставува иднината на ДЛУМ. Горди сме на нашето членство и со задоволство го славиме овој значаен јубилеј. Изложбата се реализира во соработка со Националната галерија. Воведниот текст во каталогот е на претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ, Дијана Томиќ Радевска.
На отворањето на изложбата ќе се обратат Дита Старова Ќерими, директорка на НГМ, Дијана Томиќ Радевска, претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ, и Ирена Стефоска, министерката за култура Изложбата ќе ја отвори покровителот на јубилејот, претседателот Стево Пендаровски.
Сите љубители на уметноста ќе може да ја видат изложбата до 12 декември.