Културниот центар „Јадро“ продолжува со серијата презентации посветени на македонските визуелни уметници. Во кафе-книжарницата „Буква“ е претставено творештвото на визуелниот уметник Оливер Мусовиќ. Станува збор за дела што се изложувани во земјата и во странство од крајот на 1990-тите години до денес. Овој период во светот, но и кај нас се поклопува со низа драматични случувања и радикалната промена на општествениот модел, како и актуализирањето на идентитетските прашања одразени низ сложениот однос на личните и колективни наративи.

Преку преглед на делата создавани во oвој подолг временски период, опфаќајќи различни тематски преокупации, фази и извори на инспирација, авторот направи обид на публиката да ѝ доближи неколку од неговите позначајни проекти, како што се: „Минимаркет“ (Отворено графичко студио, 1997/98), „Соседи“ (МСУ, 2002), „Претседателска палата“ (МСУ, 2003), „Знамиња“, како и контекстот во кои тие се настанати. Делата на Мусовиќ се вбројуваат меѓу амблематичните дела на современата македонска уметност по 2000 година, со значаен придонес во развивањето на критичка свест и преиспитувањето на улогата на уметноста во современиот контекст.
Разговорите се модерирани од историчарот на уметноста и куратор, Владимир Јанчевски.