„Историјата на светот: последното поглавје“ е насловот на изложбата на уметниците Вана Урошевиќ од Македонија и Зоран Тодовиќ од Србија, која е отворена во галеријата на „Куќата на легатите“ во Белград. Соработката на оваа уметничка двојка го анимира просторот на галеријата во сеопфатна амбиентална целина, која ја чинат група дела во различни димензии: 33 композиции на свила со димензии (90 х 350 см), на што се приклучени пет групи од помали дела (83 композиции), со различни димензии (од 5 х 10 см до 50 х 60 см) и десет меки скулптури од свила, како и едно видеодело. Од галеријата посочуваат дека сите изложени дела се создадени во последните десет години, со заедничка работа „во четири раце“ во живо и на далечина. Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, покрај самостојните настапи, во последната деценија изложуваа заеднички уметнички проекти, освен во Белград и во Скопје, Њујорк, Подгорица, Чачак, Солун и Нови Бановци.