Намерата на организаторот со оваа ликовна колонија е на учесниците да им се предочи архитектурата, културната историја и традицијата

Со исклучителна изложба на создадените дела на десетте ликовни уметници од Македонија и од неколку земји од светот во хотелот „Арка“ се затвори 14-та меѓународна ликовна колонија „Скопје“, во организација на Музејот на градот Скопје и со финансиска поддршка на градот.

– Годинава одржавме успешно издание на оваа меѓународно признаена колонија, на која овој пат твореа 10 извонредни автори, ликовни уметници од целиот свет, секој оригинален и посебен според сликарската техника и стилската определба. Се надевам дека уметниците уживаа во работата и во прошетката низ овој дел на градот, Старата чаршија, која е бисерот на Скопје – рече директорката на Музејот на градот Скопје, Славица Христова.

На колонијата учествуваа домашните уметници: Маја Рауник Кирков, Маја Стефановска, Трајче Чатмов, Христијан Санев и Филип Фидановски, како и Скендер Бедриу од Косово, Ипек Денизли од Кипар, Мариана Абрамова од Украина, Зузана Ардо од Велика Британија и Кацпер Дудек од Полска. Тие во изминатите десет дена ги создаваа своите дела во прекрасниот и инспиративен амбиент на хотел „Арка“, сместен во срцето на Старата скопска чаршија. Делата создадени на оваа колонија повторно ќе бидат изложени во рамките на манифестацијата на градот Скопје за одбележување на Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември.

На затворањето на изложбата се обрати и градоначалникот Петре Шилегов, кој истакна дека Скопје е град на уметноста, дека ги има и Пикасо, Вазарели и Калдер, а дека отсега неговата збирка е збогатена и со делата на овие десет одлични автори. Тој порача дека колонијата ќе продолжи да се одржува и во иднина, и тоа во уште поголем обем и значење.

Намерата на организаторот со почнување на оваа ликовна колонија е на учесниците да им се предочи богатата разноликост од архитектура, културна историјата и традицијата. Во близината се наоѓа и Старата скопска чаршија, која е интересна по својата архитектура и старите занаети и претставува една од најголемите ориентални чаршии на Балканот. Во работата на ликовната колонија, која се одржува во август, учествуваат академски ликовни уметници, припадници на различни генерации и творечки определби, кои живеат и создаваат во различни средини. Градот Скопје ја основа оваа меѓународна ликовна колонија во рамките на својата политика за проширување и подобрување на меѓународната културна соработка.