Творештвото од Марјана Костојчиноска-Узунчева ќе биде претставено вечерва од 19.30 часот во галеријата „Борко Лазески“ во Прилеп. Уметницата се претставува со колажи на платно и дрвена подлога. Конструкцијата на сликата е изградена со помош на разновидни парчиња материјали, народни везови, поставувајќи ги слоевито едно под друго. Дополнително уметницата интервенира со сликарска боја.
Во уметничките дела на Узунчева се забележува стремежот за создавање евокативна уметност. Тоа подразбира дека посетителот, како и уметникот, постанува активен чинител и дел од уметничкото дело преку набљудување на делото низ еден имагинативен прозорец и одредена временска рамка, навлегувајќи во платното и постигнувајќи единство, односно откривајќи ги виталните извори на битието.
Костојчиноска-Узунчева, членка на ДЛУМ, има освоено неколку награди за сликарство, реализирала повеќе изложби, а била учесник на значајни ликовни колонии.