Реномираниот полски уметник Артур Жмијевски ги изложи своите дела под наслов „Демократии /Реализам“ во Музејот на современата уметност. Станува збор за ден од најзначајните европски уметници од неговата генерација.
Изложбата ќе биде отворена до 30 март 2022 година. Претставени се две видеоинсталации, составени од селекција на филмови од неговите капитални дела, инсталациите „Демократии“ (2009-2012) и „Реализам“ (2017). Овие два значајни циклуса, иако се создавани независно еден од друг, во просторот на МСУ се ставени во специфична директна релација. Силниот контраст помеѓу двата циклуси на дела, на интересен начин, открива една чудна комплементарност и длабока поврзаност на нивната содржина.
– Спротивставувањето на овие колекции од подвижни слики, кои се избрани како составен дел од инсталацијата во МСУ-Скопје, како што најдиректно е сугерирано преку насловите, го отвора пред нашиот поглед во просторот помеѓу колективната еуфорија и пасивното учество и одлучната акција и индивидуалното страдање, помеѓу вревата на улиците и плоштадите и тивкиот приватен простор и изолацијата – вели Владимир Јанчевски, куратор на поставката.
Ова е прва самостојна изложба на Жмијевски во Скопје, иако ова претставување следува по неговото учество во рамките на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“, која беше отворена во декември 2019 година во МСУ-Скопје, каде што во друштво на најзначајните светски уметници тој се претстави со своето видеодело „На отворено“.
Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник што живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското биенале во 2012 година.
Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт модерн во Лондон, потоа новата Пинакотека во Минхен…
Изложбата ја организира Музејот на современата уметност – Скопје, во соработка со уметникот и галеријата и фондација „Фоксал“ од Варшава.