Во Галичник денеска ќе почне 29. Меѓународна ликовна колонија на која ќе учествуваат девет уметници кои ќе творат до 22 август. 

Оваа година учествуваат шест странски уметници: Стеван Којиќ од Србија, Пиотр Пиаста од Полска, Џили Ависар од Ирска, Тошихиро Сакума од Јапонија, Ирена Сладоје од Босна и Херцеговина и Танасис Раптис од Грција, и тројца македонски Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска и Јана Луловска. 

Куратори се Сања Младенов-Којиќ, кустос и поранешен директор на Музејот на современата уметност од Нови Сад, и Ана Франговска, претседател и организатор на Колонијата. 

Франговска наведува дека ги продолжуваат начелата за квалитет во изборот на уметниците и уникатност во поглед на идејната структурираност. Оттука, вели таа, речиси цела деценија Колонијата се движи во правец на дигиталните медиуми и медија уметностите, така што поканетите уметници, генерално, се занимаваат со фотографија, видео, инсталација, дигитална графика, звук, перформанс…

– Поканетите уметници се автори чија кариера е веќе успешно одбележана или, пак, е во сигурен подем, според  бројот и имињата на изложбите на кои учествувале индивидуално или како селектирани претставници на своите земји на групни меѓународни претставувања. Голем број од нив се занимаваат и со едукативна дејност. Изборот на дигиталната медиумска стратиграфија, а секако и секогаш примарниот аспект на внимателен избор на афирмирани уметници, ја чини оваа колонија единствена, посебна и препознатлива во Македонија, па и во регионот, истакнува Франговска. 

Колонијата ќе трае до 22 август во живописниот Галичник кој во сите изминати изданија на оваа манифестација ги инспирира учесниците со својата богата историја, традиција и природна убавина.

Покрај творењето, авторите во наредната седмица ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат водопадите во Ростуше и манастирот „Св. Јован Бигорски“, а за нив ќе биде организирана и еднодневна посета на Охрид.