Во организација на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“, каде што претседател и организатор е Живко Поповски Цветин, во едно од најстарите скопски маала Дебар Маало, седумнаесетти пат се одржуваат „Дебармаалски серенади 2019“ посветени на виното и љубовта по повод Св. Трифун и Св. Валентин. Манифестацијата започна во 18 часот, проследена со веселба, вино и погача, а ќе трае се до 21.30 часот.

– Минатата година овие средби беа во два дела, првиот дел имавме закројување на лоза во Дебар маало и праќавме порака за мир во едно шишенце со солзи од виновата лоза и вино, како и една моја слика на која се потпишуваа сите учесници на настанот. Тоа беше порака за мир, љубов и пријателсто. Шишето го пуштавме во реката Вардар кај кафеаната „Жабарот“. Се читаше поезија, се пееја серенади, а во вториот дел кој започнува во 18 часот, исто како вечерва, тргнуваме од фурната „Силбо“ каде што тука ни прават една погача која се крши и со вино и музика се загреваме и продолжуваме по улицата „Костурски херои“. Во средината на оваа улица, жена од својот балкон ни фрла вода, бонбони, цвеќиња и една паричка. Симболиката е следна, оние што ќе ги фатат цвеќињата ќе се заљубат, оние што ќе ги фатат бонбоните се заљубени до уши, додека пак, оној што ќе ја фати паричката ќе се омажи или ожени. Доколку е повозрасен, во неговата фамилија ќе се случи нешто убаво – вели организаторот Живко Поповски Цветин.

Од таму, серенадите продолжуваат на улицата „Дебарца“, во гостилницата „Антица“ се пее песната Антице мори душице, а сопствениците излегуваат и ги послужуваат пејачите со црвено и бело вино. Прославувачите потоа продолжуваат на кафе во „Идадија“, каде што се пее, се чита поезија и се наздравува. Во кафеаната „Скопски мерак“, пак, се оддржува беседа за виното. На крајот во кафеаната „Дебар маало“ веселбата продолжува со повторување на беседата и наздравување. Серенадите завршуваат во слаткарницата „Апче“ со засладување, каде што е приготвена торта и добропознатата боза од слаткарницата. Со тоа се завршуваат веселбите и песните на „Дебармаалските серенади 2019“. 

На „Дебармаалски серенади“ учествуваат голем број музичари, пејачи и изведувачи. На веселбата секоја година присуствува хорот „Серенада“. Дел од учесниците годинава се Љупчо Ангелов, Ристо Лијаковски, кој е фронтмен на октетот „Македонија“, Вики Среброва, Ристо Краковски, кој годинава има приготвено нова серенада која ќе биде изведена, Борче Марковски од Воениот оркестар и многу други. Од поетите, ќе настапат Драгица Пандиловска, Филип Димковски, Горан Анчевски, Миле Јовановски – Поречанец, Лидија Јеремиќ – Лучко и секако кој и да посака може да земе учество во пеењето и веселбата. 

– Традицијата постои 17 години и се надевам дека ќе опстои и ќе биде продолжена. Се надевам дека младите ќе ја прифатат оваа веселба. Серенадите служат за потсетување на постарите, а младите да ги прифатат песните низ забава и дружба. Преку веселбата да се потсетиме на песните, поезијата, пријателите и на тој начин да создаваме нови пријателства, да ја шириме љубовта и позитивната енергија не само овде, туку и пошироко во целиот град и целиот свет. Утре е Св. Трифун и Св. Валентин, тоа се два празници од кои едниот е католички а другиот православен, меѓутоа ние не гледаме вера и не правиме поделби. Се надевам ќе останете со нас во веселбата и ќе имате забавна вечер – изјави Живко Поповски Цветин.

В.Т.