Деновиве на македонски се објавени две нови дела од добитниците на високата европска награда за литература „Нема, и нека не ни има“ од унгарската авторка Едина Сворен во издание на „Три“ и „Срце на ветрот“ од ирскиот писател Донал Рајан во издание на „Паблишер“. Книгите се дел од едициите „Европски приказни“, односно „Калеидоскоп“, поддржани од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. „Нема, и нека не ни има“, преведена на македонски од Златко Панзов, е збирка раскази на Едина Сворен обединети околу градот Будимпешта како нивна стожерна точка. За нејзините раскази критичарите велат дека често умеат да заболат, а централна тема им е семејството.

„Срце на ветрот“ во превод на Мирјана Буразер Китановска е роман за економското пропаѓање на Ирска чии последици најмногу ги чувствуваат руралните делови на земјата. За него, критиката забележува дека е олицетворение на духот на ирската провинција.