Ин мемориам

Денеска се навршуваат две години од смртта на Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017) еден од најзначајните македонски диригенти. Тој беше роден во Битола, а почина во Скопје каде што и живееше и од 1998 година работеше како професор на Факултетот за музичка уметност. На истиот факултет дипломира на отсекот за музичка теорија и педагогија и на отсекот за композиција и диригирање кај професорот Фимчо Муратовски. Предаваше хорско и оркестарско диригирање, оперско студио и група предмети од областа на диригирањето. Специјализира на конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург, а магистрира на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија.

Саша Николоски-Ѓумар уште во текот на студирањето работеше како диригент со хорот и оркестарот на Факултетот за музичка уметност, со Симфонискиот оркестар на РТ Сараево и со академскиот хор „Мирче Ацев“. По дипломирањето волонтираше во Македонската филхармонија, а во Македонската опера им асистираше и на диригентите Ванчо Чавдарски и Александар Лековски. Со двете институции и подоцна соработуваше. Од 1993 година тој беше и музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и шеф-диригент на Младинскиот камерен оркестар и на видно задоволство на публиката диригираше на концертите на „Скопско лето“ и на „Охридско лето“. Го формира и оркестарот за современа музика „Синтезис“, а го предводеше и Словенечкиот симфониски оркестар на концертот во „Галусова дворана“ во „Цанкарјев дом“ во Љубљана во 2014 година со музика од југословенски филмови и ТВ-серии. За работата со ансамблот за современа музика „Св. Софија“ ја доби наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на фестивалот „Денови на македонска музика“ во 2001 година. Ѓумар е автор и на аранжмани на четири музички изданија. Има настапувано и во Романија, Унгарија, Бугарија, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, а во Македонија се памети и неговото диригирање на последниот концерт на групата „Леб и сол“.

Во негова чест на 22 април 2018 година, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија одржа концерт во Македонската филхармонија со кој диригираше Дијана Имери Илкоска, која и дипломираше токму во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. По овој концерт, оркестарот е преименуван во камерен оркестар „Ѓумар“.