Јубилејот од 20 години од премиерата на „Прашина“ на Милчо Манчевски на отворањето на Венецискиот фестивал во 2001, ќе биде одбележан вечерва со презентација на филмот на три платформи, на денот од годишнината.

Македонската радио телевизија ќе го емитува филмот во 23 часот, во 20 часот ќе биде прикажан под отворено небо во дворот на Кинотека; а на фан-страницата на режисерот Милчо Манчевски на Фејсбук ќе биде поставен линк за бесплатен стриминг на филмот.

Билетот во Кинотека чини 100 денари, а секој посетител ќе добие подарок пакет од три ДВД-еа со филмови во режија на Милчо Манчевски – „Пред дождот“, „Прашина“ и „Сенки“. Како вовед во емитувањето на МТВ, поместен е кус видео есеј од директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.