Културното наследство на Скопје и неговата околина е историски извор за слоевите различни цивилизации во минатото, но и потенцијал за туристичка промоција и економски развој во иднина. Неговото значење од повеќе аспекти беше актуализирано со научни трудови на конференција што ја организира Институтот за македонска литература во соработка со градот Скопје. Директорката на Институтот за македонска литература Маја Јакимовска-Тошиќ истакна дека улогата на наследството, кое порано се гледало во потесна смисла како симбол на национална гордост, се шири за да вклучи пошироки феномени – политички идеи, економски и туристички развој, општествена кохезија, културна разноликост.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова-Митевска, вели дека во Скопје и Скопско има 121 заштитено културно добро во категоријата споменици, четири заштитени добра се во категоријата споменични целини (манастирот „Св. Никола“ во селото Љубанци, античкиот град Скупи, Старата скопска чаршија и црковниот комплекс „Св. Димитрија“ во Скопје), како и пет во категоријата археолошки локалитети (урнатините на Маркови кули на Горно Водно, локалитетот Пеленица во Драчево и локалитетот со остатоци од средновековен град Кожле меѓу Петровец и Катланово). Многу национални институции поседуваат значајни репрезенти на заштитени културни добра, а од Скопје и Скопско има и заштитени нематеријални добра како, на пример, говорот од Скопска Црна Гора – значајно културно наследство заштитено во 2009 година.