Здружението на граѓани „Менелај“ од Прилеп работи на проект за популаризација на традиционалниот женски обред Лазарки од Струшко за истражување, промоција, популаризација и заштита на културното наследство во Македонија. Со проектот, финансиски поддржан од Министерството за култура, деновиве под раководство на Анита Ѓоргоска Талевска, етнолог, и Горан Василески, фолклорист, се реализираа теренски истражувања за празникот Лазарова сабота и тоа во неколку струшки села каде што лазарувањето претставува сѐ уште жива традиција.

– Детално ги документираме фазите на лазарските обреди за да придонесеме кон јавното ширење на релевантните информации за ова културно наследство, како и запознавање на пошироката јавност за него. Тоа го правиме преку фото и видеодокументирање и обработка на фотографии, мелографија и кинетографија на обредните ора и песни. Но како крајна цел е изработка на каталог со описи и реализирање изложба на фотографии, која најпрво ќе биде поставена на јавен простор во центарот на Прилеп, а потоа во Центарот за ликовна уметност во Прилеп.

Замислата е преку повеќегодишни континуирани активности да се документира, заштити и промовира ова исклучително духовно културно богатство – вели етнологот Талевска.

Празникот Лазарова сабота, кај народот познат и како Лазара или Лазаровден, не е на ист датум и секогаш е осум дена пред Велигден.

– Празникот е дел од пролетниот обреден комплекс и е богат со мноштво обредни дејства, каде што водечката улога ја имаат женските обредни поворки Лазарки. Тие се девојки на возраст меѓу детството и моминството, кои се облечени во свечена народна носија од својот крај, богато накитени и секогаш расположени за пеење и играње на обредните ора и песни. Затоа овој празник уште се нарекува и празник на девојките.

Во минатото, во многу краеви на Македонија се реализирале овие лазарски поворки, играјќи и пеејќи лазарски песни, додека денес ретко може да се слушнат и видат Лазарки. Во ова време на губење на традиционалните културни вредности преку процесите на интензивна глобализација, населението од пределите Струшко Поле, Струшки Дримкол и Дебарски Дримкол упорно ги одржува своите етно-религиозни практики, а тие доаѓаат до израз преку празнувањето на лазарскиот обреден комплекс – објаснува етнологот.

Во скоро сите струшки села, каде што живеат Македонци, секоја група Лазарки има свои специфични и уникатни карактеристики во поглед на начинот на пеење, изведување на обредните ора, декорирањето и украсувањето на народните носии, обредните практики и сл.

– Во некои села, празнувањето почнува неколку дена порано, некаде дури од четвртокот, со берење цвеќе, плетење венци, китење на светите места и слично. Главната обредна активност е во саботата на Лазара, а во дел од селата и во неделата на Цветници, кога девојките Лазарки ги посетуваат сите семејства во своето село и пред секоја куќа играат и пеат лазарски песни наменети за секој член во семејството.

Така, постојат песни за мало бебе, за братчиња, за сестричиња, за ерген за женење, за мома за мажење, за млада невеста, за возрасен маж, за постари луѓе и многу други.

Всушност, лазарските обредни песни претставуваат пренесувачи на желби, молитви и потреби на луѓето, според возраста и состојбата. На крајот домаќините скромно ги даруваат со пари, со јајца и други намирници – објаснува Талевска.