Националното собрание на Франција изгласа предлог-закон за враќање на 27 артефакти од колонијалната ера од француските музеи во Бенин и во Сенегал. Гласањето се случи речиси три години откако претседателот Емануел Макрон вети во говорот во Буркина Фасо дела ќе овозможи „привремено или дефинитивно враќање на африканското наследство назад во Африка“, во рок од пет години.
Доколку биде донесен, законот ќе ја принуди Франција да врати 26 украдени дела од кралскиот дворец на Бенин Абомеј, кои се наоѓаат во колекцијата на музејот „Ду Куе Бранли-Жак Ширак“ во Париз. Меч што му припаѓаше на западноафриканскиот воен водач Омар Саиду Тал, трајно ќе биде вратен во Сенегал од францускиот Музеј на армијата. Мечот во моментов му е позајмен на Музејот на црните цивилизации во Дакар.
Француската влада започна „забрзана постапка“ во јули за парламентот брзо да го изгласа законот. Четириесет и девет пратеници го одобрија нацрт-законот на прво читање во Долниот дом, без ниту еден против; шестмина беа воздржани, а сега ќе премине на гласање во Сенатот. Доколку законот биде усвоен од сенаторите и потпишан, делата ќе бидат вратени во рок од една година. Предлог-законот беше презентиран од поранешниот министер за култура Франк Ристер, сега одговорен за надворешна трговија, кој пред Националното собрание рече дека ова е „долга и значајна работа што е започната уште од говорот на Макрон во Буркина Фасо во 2017 година“.
– Тој отелотворува „нова амбиција за културниот однос на Франција со африканскиот континент, тоа не е за покајание, туку се заснова на нови форми на соработка и циркулација на делата“ – рече Ристер.

Сепак, според претседателот на Бенин, Патрис Талон, законот не оди доволно далеку. Тој за неделното издание на „Жуне Африк“ рече дека не е задоволен и смета дека тоа се сепак мали чекори за Франција. Бенин бара општ закон за враќање на културните артефакти наместо строгиот минимум на овој нацрт-закон со кој се наведени 26 предмети.
– Иако постои консензус за враќање на африканските артефакти преку овој предлог-закон, законодавството е многу специфично и не претставува голема загуба за Франција – вели Мари Корну, специјалист по закон за културно наследство во францускиот Национален центар за научно истражување.

Франција донесе слични индивидуални закони за враќање на човечките остатоци што се чуваат во музеите, а неодамна беа вратени черепите на 24 алжирски антиколонијални борци од Антрополошкиот музеј во Париз. Секојпат се потребни нови закони поради правниот принцип од 16 век во Франција, кој ги смета предметите во јавните музејски колекции „неотуѓиви“ делови од националното наследство.