Издaвачкиот центар „Три“ го објави романот „Да купиме поет“ од португалскиот автор Афонсо Круш, како дел од новата едиција „Европски приказни“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Инспириран од економската криза во Португалија, „Да купиме поет“ зборува за прекумерното значење што им се дава на економските и на финансиските прашања, за сметка на културата. Во едно такво општество материјализмот ги контролира сите аспекти од животот на луѓето. Тие имаат бројки наместо имиња, сета храна е мерена со точна прецизност. Мерливи се дури и чувствата, а семејствата можат да чуваат уметници како миленичиња…

Афонсо Круш е плоден и многу ценет писател во Португалија и во Европа, аниматор, илустратор и музичар. Автор е на делата „Божествено тело – Авантурите на Конрадо Фортес и Лола Бенитес“, „Енциклопедија на светската историја“, „Книгите што го уништија мојот татко“ и „Човековата контрадикција“, за кој во 2011-та ја доби наградата на Друштвото на писателите на Португалија за најдобар роман. Во 2012 година ја доби Европската награда за литература за својот роман „Куклата на Кокошка“.