Од 2010 година наваму, комерцијалната вредност полека ја заменува естетската во агресивно рекламираниот уметнички сектор. Низ големите светски центри, богатите галерии ја преземаат и трговијата со недвижнини, наметнувајќи си на тој начин сомнителна репутација

Иако во поголемиот дел од уметничкиот свет комерцијалната вредност ја замени естетската, музеите сѐ уште организираат импресивни изложби, а помалку познатите уметници конечно го добиваат своето признание од страна на јавноста. Во ретроспективата што ја направи престижниот „Вол стрит журнал“ за уметноста во изминатата деценија, прво се споменуваат непријатните факти.

– Од 2010 година наваму, комерцијалната вредност полека ја заменува естетската во агресивно рекламираниот уметнички сектор. Низ големите светски центри, богатите галерии ја преземаат и трговијата со недвижнини, наметнувајќи си на тој начин сомнителна репутација. Сепак, среќна околност за раскошните уметници како Томас Носковски и Мартин Пуриер е што и тие, заедно со многу нивни колеги, имаат корист од засилената активност на овие институции. Од друга страна, средно рангираните галерии потклекнуваат под притисоците на неразумно високите кирии, оставајќи ги истакнатите уметници без соодветна застапеност. Сѐ е поактуелно мислењето дека музеите се трансформираат во обични центри за забава, а со тоа и компетентната проценка за вредноста на уметничките дела станува сѐ посложена, тука голема штета создава и „проклетството“ на компулсивно фотографирање на уметничките дела со мобилен телефон – пишува весникот.

И покрај сето ова, поголемиот дел од музеите сѐ уште релативно успешно ја вршат својата работа. Последнава декада ни овозможи навистина прекрасни изложби и рекапитулации, каква што беше фасцинантната „Животот на животните во јапонската уметност“ во вашингтонската Национална галерија, или, пак, „Колекцијата на фамилијата Стејн“, извонредна студија на пионерските поддржувачи на модернизмот, одржана во музеите на современа уметност во Сан Франциско и во Њујорк. Се случија и голем број наменски, индивидуални проекти, како на пример, ревијата на делата на Едгар Дега во њујоршкиот Музеј на модерна уметност и брилијантната изложба во „Метрополитен“ на портретите на Пол Сезан, на кои е овековечена неговата сопруга. Не беа заборавени ниту мајсторите на скулптурата како Андреа Верокио и Ентони Каро, чии ремек-дел ги красеа лондонскиот „Тејт музеј“ и вашингтонската Национална галерија.

– Мора да им се оддаде признание на организаторите за импресивните изложби (а понекогаш и за импресивните аукциски цени) на иновативните автори, меѓу кои се истакнуваат: Кери Џејмс Маршал, Роберт Колескот, Чарлс Вајт, Хенри Тејлор, Џејкоб Лоренс и Алма Томас. Конечно, радува фактот дека самоуките историски велемајстори на уметноста (Бил Трејлор, Џејмс Кесл и др.) не се веќе потиснати во посебна, пониска категорија, туку нивните дела се изложени „рамо до рамо“ со нивните славни и глобално признаени колеги – пишува кураторката Карен Вилкин за „Вол стрит журнал“.

На сличен начин, уметниците од женски род стануваат сѐ повидливи и медиумски позастапени. Во 2016 година, „Метрополитен“ се претстави со незаборавна изложба на дела од три извонредни авторки: Дајан Арбус, Елизабет ле Брун и Насрин Мохамеди.
– Уметничкиот институт „Кларк“ (Масачусетс, САД) неодамна ги стави во фокус графиките на Хелен Франкенталер, видеата на Џесика Стајнкамп и звучните скулптури на Џенет Кардиф. Ова се добри вести кога станува збор за борбата на половите, но зарем не е крајно време да престанеме да ги делиме уметниците на женски и машки и едноставно да зборуваме за креативни и талентирани автори? – прашува авторот на текстот.

Генерално гледано, музеите ги прошируваат своите активности и ингеренции, но резултатите од тие промени не се секогаш позитивни. На пример, „Метрополитен“ во Њујорк се прошири дури двапати во текот на една деценија, иако во реалноста ефектот од тоа не ги оправда очекувањата.

Приватните музеи како „Броуд“ во Лос Анџелес и неодамна проширениот „Гленстоун“, блиску до Вашингтон, се збогатуваат просторно и финансиски. Нивните објекти се архитектонски и еколошки амбициозни, колекциите кои ги изложуваат се честопати обична трендовска демонстрација, а нивното постоење стана симбол на човековото его и беспоштедната борба за профит. Оттука произлегува и заклучокот дека естетската вредност сѐ почесто ѝ го отстапува местото на онаа комерцијалната. За жал. В.Б.Н.