Гиота Мирциоти пишува за Музејот на современата уметност во Скопје во својот текст за еден од најтиражните грчки весници „Екатимерини“. Во текстот таа се потсетува на својата прва посета на Скопје и прави паралела со она што се случува денес.

– Првпат го посетив Скопје во 1997 година кога бев на миротворен концерт на грчкиот композитор Микис Теодракис. Тогаш постоеја сите потребни елементи за Скопје да се претвори во шармантен град со силен модернистички идентитет, благодарение на реконструкцијата, помогната од грчкиот архитект Константинос Доксиадис по ужасниот земјотрес во 1963 година – пишува Мирциоти и открива дека по неодамнешната посета на Скопје, таа била разочарана од она што е очигледно избрзано имплементирање на проектот „Скопје 2014“.

Она што таа го забележала е и помалото зеленило, недостигот од отворен простор околу стариот Камени мост преку реката Вардар и неколку од модернистичките архитектонски елементи жртвувани за грандиозните амбиции на претходниот премиер. Понатаму таа пишува за Музејот на современата уметност во кој меѓу другите има и 46 дела од 34 грчки уметници, кои ѝ биле донирани на институцијата пред 55 години, кога во 1963 година музејот испратил меѓународен апел за поддршка. Понатаму пишува дека кураторот на музејот, Зоран Петровски, ѝ ја раскажал приказната за тоа како со апелот на музејот се успеало да се соберат повеќе од 2.000 слики, скулптури, гравури и фотографии за само неколку години се собрале дела од 1.667 уметници од 66 земји. Пабло Пикасо бил еден од првите уметници што донирал дело, сликата насловена „Женска глава“, што пристигнала со писмо од уметникот.

– Полска ја финансирала изградбата на зградата и донирала уште 212 дела. Грција, исто така, одговорила преку уметниците Васо Катакри и Манолис Пиладакис, кои испратиле некои дела во 1965 година. Јанис Гаитис имал изложба на свои дела, како една од првите настани на музејот и донирал пет дела пред да се врати во Грција, поттикнувајќи ги своите колеги да го сторат истото тоа. Благодарение на ваквите донации, кои продолжиле до 1980-тите години музејот сега има многу солидна колекција од 5.500 експонати што ги претставуваат меѓународните трендови што преовладувале по Втората светска војна, а особено по 1950-тите. Италија била најголемиот донатор, со 352 дела, по што следуваат Франција, Хрватска, Полска, Бразил, Србија, САД и Јапонија… Музејот организира настани посветени на земјите-донатори, при што Грција беше почесен гостин минатата година – пишува грчкиот весник.

Според авторката на текстот, Музејот на современата уметност во Скопје сега е еден од водечките гласови во дебатата за тоа како да се поправи градот, а во него исто така беше отворена изложбата „Ослободување на просторот“, претставена на Венециското биенале за архитектура.

– Иницијативата вклучува и дизајни за ослободување на модернистичките градби на градот од нивните псевдокласични орнаменти. Тие во моментов се приложени во музејот, кој исто така одржува предавања и дискусии на ова прашање. Во меѓувреме, закрепнувањето од проектот на Груевски од 500 милиони евра е во тек – пишува „Екатимерини“.