Откриени се мошне вредни наоди од раноантичкиот период: сребрена алка со завршетоци во вид на змиски глави, фибула-копча од малоазиски тип, сребрена конусна обетка, како и две прекрасно зачувани бронзени монети од Александар Трети Македонски

Деновиве завршуваат годинашните археолошки истражувања на кралската гробница на локалитетот Павла Чука кај прилепското село Подмол, кој е во рамките на комплексот на археолошки наоѓалишта Старо Бонче. Се истражуваше делот западно од издлабената рампа пред влезот во дромосот на гробницата, како и на поширокиот простор на тумулот.

Со овие истражувања се докомплетираат податоците за импозантната гробница, која е меѓу најимпресивните и најубави објекти од антиката во Македонија од 4 во 3 век од старата ера. Истражувањата на гробницата се со прекини од 2007 година, кога првпат е откриен кружниот ѕид што ја опкружувал.

– Со археолошките ископувања во надворешниот простор, откриени се десетина доцноантички гробови со исклучително вредни наоди од сребро, бронза и керамика. Особено се значајни двете монети, кои го потврдуваат времето на погребување во нив во 4 и 5 век од новата ера, кога гробницата била чествувана како свето место за погребување, засега само на детски покојници. Оваа година се евидентираа уште три гроба од овој период. Значајни наоди исто така се и гробовите во северозападното подножје на тумулот – вели археологот Душко Темелкоски од прилепскиот Завод и музеј.

Во поширокиот простор на комплексот локалитети Старо Бонче, со рекогносцирање се откриени мошне вредни наоди од раноантичкиот период: сребрена алка со завршетоци во вид на змиски глави, фибула-копча од малоазиски тип, сребрена конусна обетка, како и две прекрасно зачувани бронзени монети од Александар Трети Македонски.

Проектот се реализира преку Институтот за археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, во соработка со Заводот и музеј – Прилеп, а финансиските средства се обезбедени од Министерство за култура. Раководители на археолошките истражувања се Антонио Јакимовски и Душко Темелкоски.