Литографија на Џаспер Џонс од збирката на МСУ

Публикацијата ги опфаќа делата на авторите што ја обележале историјата на ликовната сцена во 20 век: Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Андре Масон, Бернард Бифе, Ники де Санфал, Георг Базелиц, Зоран Мушич, Џаспер Џонс, Сол Левит…

Дела од графичката колекција на Музејот на современа уметност, една од највредните во депото, собрани во публикација од вечерва во 20 часот ќе бидат претставени пред јавноста. Графичката колекција важи за најдоминантен сегмент во збирката на музејот со над 2.000 отпечатоци изработени во различни графички техники. Токму тоа го предизвика концептот преку издржана ликовно-естетска анализа на материјалот, односно преку публикација да се презентира ова културно наследство.

Поголем дел од графиките припаѓаат на меѓународната збирка на музејот што е прогласена за културно наследство од особено значење.

– Публикацијата ги опфаќа разновидните истражувања на уметниците и нивните индивидуални стремежи преку графичкиот ликовен израз, како и развојот на графичката уметност – широкиот дијапазон стилски определби што се движат во рамките на фигуративниот, нефигуративниот, апстрактните тенденции па до поп-уметноста и концептуалниот дискурс што ќе се следи преку делата на авторите што ја обележале историјата на ликовната сцена во 20 век: Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Андре Масон, Бернард Бифе, Ники де Санфал, Георг Базелиц, Зоран Мушич, Џаспер Џонс, Сол Левит… – велат од МСУ.

Поради разновидноста на графичките техники застапени во колекцијата на МСУ, на крајот на оваа публикација ќе се направи преглед на графичките техники и нивните особини.
Куратор на изложбата е Благоја Варошанец. Музичкиот избор за вечерта е на Нино Наумов.