Делото „Катедрала“ припаѓа на циклус што потекнува од авторовото детство во Битола

Графиката „Катедрала“ на уметникот Владо Ѓорески, уметнички директор на Меѓународното графичко триенале во Битола, е селектирана за „Арт лимитед“, своевидната заедница и уметничка платформа од Париз, формирана во 2006 година. Таа вклучува признаени и ценети уметнички дела со висок квалитет и со квалитетна и оригинална уметничка ликовна постапка и процес, а опфаќа сликари, графичари, илустратори, фотографи, скулптори, дизајнери, уметници, колекционери, куратори, купувачи, посетители, љубители на уметноста од повеќе од 189 земји.
– Делото „Катедрала“ е дел од еден подолготраен, речиси дневнички истоимен циклус, потеклото му е во самото детство, длабоко и потсвесно оформен покрај една стара прустовски затворена куќа зад стариот театар во Битола, куќа градена во оној чуден француски архитектонски стил, куќа од која секојдневно пред повеќе децении се слушаа звуците на пијано, кои не беа весело ритмичко преповторување на одредени ритмички фрази, туку тивко, нежно, замислено разговарање со неколку партитури – таинствено и филозофски. Тие звуци остана врежани засекогаш, а подоцна открив дека најчесто тоа беа секојдневно преповторувани и градирани во многу варијациски форми на делото „Потонатата катедрала“ од Клод Дебиси.

Ова петминутно дело, заедно со поемата „Екстази и Mетаморфози“ на Скрајабин, претставува најтаинствена, најдлабока и најметафизичка порака што постојано доаѓа до нас од безбројните сфери, сфери на музичкиот универзум и говор во апсолутна платоновска смисла. Тоа се знаци, музички светлосни обраќања што доаѓаат од пред нашето постоење, кои ќе доаѓаат и по нашето постоење, тоа еден вид нешто повеќе од музичка вечност. Дебиси, кој очигледно го открива овој говор како таинствено божјо шепотење и обраќање, го спојува со длабоките поетски симболи на Маларме – вели Ѓорески.
Тој, меѓу другото, деновиве укажа дека старата куќа е срушена одамна, но дека сепак мисли, чувствува дека таа постои. Вели дека го слуша катедралното sвоно, го слуша воздушниот говор на Дебиси, наспроти длабоката тишина на еден град од каде што „веќе е почната депортацијата на божественото, духовното, љубовното, на човечкото во време што се претвори во агонијата на сегашното минато“.

– Не е важно што е избрана графиката, делото, важно е што таа доаѓа од еден град потонат во вечна есенска меланхолија, во која постои последната станица на возот од каде што нема понатаму каде, од каде што единствено води патот за никаде, како планетарно огледало пред големиот потоп на глобалното. Дали може да нѐ разбуди темносиниот звук на Дебиси, дали можат да ни го вратат говорот океанските „Метаморфози“ на Скрјабин во кои засекогаш е зачувана катедралата на нашата љубов? А никогаш не открив кој седеше во скриената куќа, можеби самиот Дебиси, кој секојдневно го пишуваше тестаментот на нашиот спас? – вели Владо Ѓорески по повод селектирањето на неговата „Катедрала“ за „Арт лимитед“.