Лидија Димковска, добитничка на „Браќа Миладиновци“

Македонската поетеса Лидија Димковска е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува од „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Димковска е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Гранична состојба“, во издание на „Или-или“.
Комисијата во состав: Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова Чепишевска и Лулзим Хазири, од 33 пристигнати книги, направи првична селекција и во потесен круг влегоа збирките: „Потпис: трепетлика“ на Ана Стојановска, „Големата прегратка“ на Павлина Атанасова, „Гранична состојба“ на Лидија Димковска, „Девет преобразби во чудната шума“ на Пандалф Вулкански, „Сватови на песната“ на Даут Даути.
– „Гранична состојба“ е поетска книга што предупредува, насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила, ни ги отвораат актуелните политички и социјални крвавења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, нѐ опсипуваат со глетки од историските страдања, кои, за жал, не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила. Лидија Димковска со мудроста на своите стихови предупредува на вриежот на валканата крв, на една неминовност чија бучава нѐ заглушува и навестува татнеж, по чија смртна тишина ќе се отвори амбисот на ништоста. Стиховите во „Гранична состојба“ се меко отворање на кортексот на еден ум што мора да се преобрази ако сакаме нашата духовна егзистенција да изроди нова стратегија за опстанок и нова патека кон совршенството – се вели во одлуката.
Лидија Димковска (1971, Скопје, Македонија) е поетеса, романописец и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик.

Докторирала Романска литература на Универзитетот во Букурешт, Романија, каде што предавала македонски јазик и литература. Живее во Љубљана, Словенија, и преведува романска и словенечка литература на македонски јазик. Објавила шест поетски збирки на својот мајчин, македонски јазик: „Рожби од Исток“, „Огнот на буквите“, „Изгризани нокти“, „Нобел против Нобел“, „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“, три романи: „Скриена камера“, „Резервен живот“ и „Но-Уи“, еден американски дневник „Отаде Л.“ и една збирка кратки раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“.
Од оваа година, прогласувањето на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ е пред почетокот на фестивалот, за да се овозможи претставување на добитникот на наградата на тековното издание на фестивалот, а не само негово прогласување пред крајот на фестивалското издание. На овој начин е можно да се обезбеди превод на англиски на најрепрезентативните песни од наградената збирка и соодветно претставување на тековниот добитник, особено пред гостите од странство. Претставувањето на минатогодишниот добитник на наградата, Ива Дамјановска, останува во вообичаениот формат, преку издавање публикација во целосен препев на англиски на наградената збирка од минатата година и нејзино претставување во рамките на програмата на фестивалот. Преостанатите четворица кандидати во потесен избор исто така, според вообичаената практика, ќе бидат дел од програмата на фестивалот.
„Струшките вечери на поезијата“ оваа година ќе се одржат од 26 до 30 август, со целосно почитување на најновите мерки за заштита од пандемијата на ковид-19.