Иако е млад уметник, зад него стои богата интернационална кариера во Европа,
Австралија, но и во Источна Азија. Добитник е на многу награди на интернационалниот музички натпревар „Сеилер“, на меѓународниот музички натпревар „Јоханес Брамс“

Во организација на националната установа „Охридско лето“, утревечер, во 20 часот, во црквата „Света Софија“ во Охрид, концерт ќе одржи јапонско-хрватскиот пијанист Томохиро Адачи. Организаторите на „Охридско лето“ велат дека и годинава продолжува практиката концерти на класична музика да се одржуваат не само во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, туку и во текот на целата година.
– Целта е да се збогати културната понуда во градот и државата, но и да се презентираат исклучително добри уметници од светот на класичната музика – велат од „Охридско лето“.

Томохиро Адачи дипломира на Академијата за музичка уметност на Универзитетот во Загреб, Хрватска, во 2007 година. Иако е млад уметник, зад него стои богата интернационална кариера во Европа, Австралија, но и во Источна Азија. Добитник е на многу награди на интернационалниот музички натпревар „Сеилер“, на меѓународниот музички натпревар „Јоханес Брамс“, на интернационалниот натпревар за пијано „Камило Тоги“, на меѓународниот натпревар за пијано „Антон Рубинштајн“, на меѓународниот натпревар за пијано „Рома“. Адачи е основач на јапонско-хрватското музичко друштво во Токио и негов претседател, притоа организира голем број концерти со врвни музичари од цела Јапонија и странство, секогаш со една цел – воведување на хрватските мелодии и хрватската култура во Јапонија.

Како врвен музичар, и самиот тој изведува мелодии на хрватските композитори Дора Пејачевиќ, Божидар Кунц, Борис Папандопуло, Иво Јосиповиќ, Франко Параќ и други.