Оркестарот на Филхармонијата, вечерва, во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт насловен „Кругови“, на кој како солист ќе еден од најкреативните пијанисти – Франческо Тристано од Луксембург. Диригент е Џијан Емин, а на програмата се Концерт за пијано бр. 1 во Де-мол од Бах, 4 фрагменти од „Пијано-кругови“ за пијано и гудачи од Франческо Тристано и Фантазија на тема од Томас Талис од Вилијамс.
Во 2017 година, Франческо Тристано почнува соработка со „Сони класикал“, фокусирајќи се на својот афинитет да создава и да снима свои авторски дела. Иако во тој период сè уште активно настапува на светските музички сцени, изведувајќи електронска и експериментална музика на фестивалите за електронска музика, но и во концертните сали, тој повторно му се враќа на пијаното како алатка за креација. Го создава албумот „Пијано-кругови“ – колекција од песни во кои Тристано го евоцира својот интерес кон творештвото на француските импресионисти.

Како пијанист, композитор и продуцент, прави фузија меѓу класичната и електронската музика. Посебен афинитет има кон творештвото на Јохан Себастијан Бах и го реализира својот амбициозен проект да ги сними и да ги издаде сите негови дела. Уште додека студира на Џулијард, Франческо Тристано покажува посебен афинитет кон творештвото на барокниот маг Јохан Себастијан Бах: ги свири и ги снима концертите на овој исклучителен композитор, како и „Голдберг варијации“. Кратко време потоа, тој потпишува договор со француската издавачка куќа „Инфините“, под чија етикета ги издава првите албуми за електроника и пијано, инспириран од технокреациите на Џеф Милс и Дерик Меј… Неговата кариера добива поширок интернационален контекст во 2011 година, кога потпишува договор со „Дојче грамофон“, под чија етикета снима три албуми.
Џијан Емин е хорнист, композитор и диригент. Џијан Емин застана зад пултот со Македонската филхармонија во повеќе значајни проекти во изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, силно привлекувајќи го вниманието на јавноста.