Вечерва, со почеток во 20 часот, на големата сцена во Македонскиот народен театар, ќе настапи „Београдско драмско позориште“, со претставата „Зојкиниот стан“ на Михаил Булгаков, во режија на Наташа Поплавска. „Зојкиниот стан“ претставува трагичната фарса, која носи возбудлив спој на класика на драмската книжевност на 20 век, со кореографски и музички партитури, како и со визуелни атракции.

– Режисерката Наташа Поплавска необично прецизно (и сурово) го прочитала делото на еден од најголемите критичари на соцреализмот – истакна белградската театарска критика за претставата „Зојкиниот стан“.

Композитор на музиката е Огнен Анастасовски, сцената и мултимедијалниот дизајн се дело на Емил Петро, костимографка е Роза Трајчевска, додека дизајнер на светлото е Милчо Александров.

Во претставата настапува голем дел од ансамблот на „Београдско драмско позориште“, предводен од актерката Ана Софреновиќ, како Зоја Денисовна Пелц, а во другите улоги на сцената во МНТ ќе ги видиме: Андрија Кузмановиќ, Милан Чучиловиќ, Јадранка Селец, Милица Петровиќ и др.