Филхармонијата ќе одржи концерт насловен „Бетовен #3“, вечерва во 20 часот, на кој како солисти ќе настапат тројца исклучителни музичари – Емир Имеров – виолина (Германија) Александар Кагановски – виолончело (Швајцарија) и Ваг Папијан – пијано (Израел). Како солисти ќе настапат во изведбата на Концерт за виолина, пијано, виолончело и оркестар оп. 56 од Бетовен. Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата е и Серенада за дувачки оркестар од Антонин Дворжак.
Емир Имеров (Скопје, 1975) ја добива првата награда на виолински натпревар на 12 години. Во 1991 година се сели во Германија, каде што продолжува да учи виолина во музичкото училиште во Менхенгладбах, а потоа студира на Музичката академија во Вурцбург во класата на Г. Зислин каде што дипломира во 2000 година. Од 2004 година Имеров е прва виолина во Симфонискиот оркестар во Менхенгладбах и предава на тамошната музичка академија. Држи и часови како гостин професор во Грција, Полска, Германија, Белгија и во Хрватска.
Александар Кагановски е роден во Киев, Украина. Првите музички часови ги имал на пет години. Само неколку години подоцна настапил како солист, а на шеснаесет години ја добил првата награда на државниот натпревар по музика во Украина. Студиите ги продолжува на академијата за музика во Тел Авив кај проф. Узи Виесел и ја добива првата награда на натпреварот што го организира академијата.
Интернационалната кариера на Ваг Папијан како пијанист започнува во 1979 година откако ја добива првата награда на натпреварот во Лисабон. Веднаш почнува да настапува како солист со водечките оркестри во тогашниот СССР, како и да одржува рецитали во Санкт Петербург и во Москва. Диригирал со Новата јапонска филхармонија, Израелскиот камерен оркестар, Израелската филхармонија.

Како рецитален партнер на Максим Венгеров, Папијан свирел во Европа, САД и Далечниот Исток…
Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарејќи на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Тој е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам.