Горан Стефановски: Ние всушност ја имавме ЕУ, така и се однесувавме

Импресивно предавање на нашиот драматург во Белград

Живеев во Скопје со жена Англичанка сосема нормално. Спиејќи во Скопје, бевме граѓани на светот. Се чувствувавме суверено. Па, луѓето одеа во Лондон да купуваат плочи, и тоа беше најнормално. Така живеевме. Ја изгубивме таа можност. Ние всушност ја имавме Европската Унија, така и се однесувавме, вели Стефановски за српски „Блиц“

Македонскиот драмски писател, добро познат на овие простори, минатиот месец беше гостин на Светскиот конгрес на Меѓународната федерација за театарски истражувања во Народниот театар во Белград, каде што одржа пленарно предавање во согласност со темата на собирот „Театар и миграција – театарот на нацијата идентитет помеѓу миграцијата и неподвижноста“. Интересно, студиозно, низ призма на личниот живот и театарското творештво, со низа впечатливи и потресни и гротескни моменти, според српски „Блиц“, било излагањето на Стефановски.

– Мајсторот на перото сето тоа го зачини со духовити моменти и интересни слајдови. Имаше и смеење во салата кога, на пример, зборуваше за односот на англиската тастатура и неговиот мајчин јазик („буквата њ е нј, љ е лј… па вие видете каде ќе стигне човек со овој монструм на глобализацијата“), или кога се обиде да ги преведе на овие простори славните парчиња платно со извезени цртежи и пораки што некогашните домаќинки ги ставале покрај шпоретот („мудрата жена мора да знае да го љуби мажот и да готови“), доби аплауз кога кажа „визниот режим е криминален“ – пишува „Блиц“ во воведот на разговорот со нашиот познат драматург, во кој тој се осврнува на повеќе актуелни теми.

Со какво чувство дојдовте на собирот, како го подготвувате обраќањето?
– Со чувство дека сум квалификуван за темата. Бидејќи веќе долги години вежбам. Пишував со уживање и внатрешен ангажман, бидејќи ова место е многу логично за ваков собир и тема. А што се однесува до мене, толку драми имам напишано на оваа тема.

Мирно живеевте во Скопје до распадот на Југославија, а потоа војната со разни стравотии го направи своето, се преселивте во Лондон…
– Студирав англистика, и тогаш во Скопје многу ме интересираше другоста. Знаев одлично англиски и пред да ја запознаам сопругата. Меѓутоа, она што е важно, што беше автентично можно – живеев во Скопје со жена Англичанка сосема нормално. Спиејќи во Скопје, бевме граѓани на светот. Се чувствувавме суверено. Па, луѓето одеа во Лондон да купуваат плочи, и тоа беше најнормално. Така живеевме. Ја изгубивме таа можност. Ние всушност ја имавме Европската Унија, така и се однесувавме.

Еден од трогателните моменти во текот на предавањето беше и кога зборувавте за селидбата на птиците…
– Уште на училиште учевме дека птиците се селат од југ на север, а потоа се враќаат. Се разбира, соодветно на годишната доба. И никогаш не сме се запрашале себеси, а каде им е куќата. Јагулите од Охридско Езеро патуваат во Сарагаско Море 10.000 километри. Во животот на многу животни миграциите се природна работа. И за генерацијата на мојот дедо печалбата била како челичење на мускулите.

Во современиот миг клучен момент е всушност економскиот, обичните луѓе имаат проблеми со документите. Што мислите за тоа?
– Милиони луѓе од средната класа во Англија имаат на југот на Франција уште по една куќа. И нема контроверзии ниту проблем со идентитетот. Ако имаш пари, можеш да живееш секаде како дома. Маката на печалбата произлегува од сиромаштијата.

Што ќе правиме ние со нашата сиромаштија?
– Не знам, но тоа е многу сериозно.

Рековте дека визниот режим е криминален. Што мислите со тоа?
– Начинот на кој се очекува од луѓето во Македонија да земат визи за Англија е криминален и скандалозен. Почнувајќи од тоа дека пасошите мораат да ги испраќаат во Полска, па натаму.

Последното прашање инспирирано од предавањето е: А, кога повторно би се родиле?
– Би правел претстави базирани на ритуалите од секојдневниот живот. Мојата баба имала свадба од три дена. Би сакал да направам таква претстава. Моите студенти во Шведска направија петминутен филм од дванаесетчасовен материјал во кој снимаа од моментот кога почнуваат да пијат пиво до целосно пијанство. Којзнае што би правел ако се родам повторно, ама посакајте ми среќа.