Премиерите на македонските документарни филмови на „Македокс“ направија програмски бум на годинашното фестивалско издание, со што се потврди дека се вистинска магија која привлекува многубројна публика.

Најавувајќи го 10-тото издание, „Македокс“ објави десет нови македонски документарни филмови што се дел од фестивалската програма. По премиерата на „Тетовски самрак“ на Билјана Гарванлиева и Мануел Цимер, чија проекција помина со многу емотивни рекции кај публиката, на платото пред Куршумли-ан веќе се одржа и премиерата на документарниот филм „Господата од Современа“ на Ана Алексовска.

Филмот беше прикажан на 23 август во селекцијата на кратки филмови и открива дел од животната приказна на протагонистката Сунчица, која пак, во група со 12-тина други истомисленици секојдневно посетуваат културни настани низ градот.

Филмот носи убава порака и направен е со цел да се промени перцепцијата на пошироката јавност кон овие луѓе, кои место да ги фаќа депресија седејќи дома, одат од еден до друг културен настан низ градот. По проекцијата режисерката Алексовска доби бурен и долготраен аплауз од публиката, која во голем број беше присутна на платото пред Куршумли-ан.

Во програмата за млади, која се одвива во МКЦ, премиерно се прикажани 3 од четирите филмови на Докуникулците на „Македокс“. На 23 август премиерно беше прикажан есеистичко-поетскиот филм „Низ објективот на копнежот“ на Розе Симоновска. На 24 август публиката на „Македокс“ го проследи „Скопска ситуација’18“ во режија на Анастасија Павловска, филм кој произлезе од една рап-песна, а зборува за проблемите на младите генерации. Третата премиера се случи на 25 август, кога беше прикажан „Палец горе“ на Марија Матеска, филм за страста и возбудата што ги носи патувањето со автостоп.

Во комплетниот процес од идеја, снимање, монтажа и продукција на филмовите се вклучени млади луѓе од првите две генерации Докуникулци на „Македокс“, а остана да ја видиме уште премиерата на „Лог аут“ на младата режисерка Рамона Моња Кочишка, која ќе се одржи на 27 август, во 18 часот во МКЦ.

Премиера на филм од македонски автор има и во рамките на Студентската програма на 26 август, во терминот од 22.40 часот. Станува збор за филмот „Спасение“ (Италија, Велика Британија/2017/24 мин.) на режисерот Никола Ивановски, кој во Сицилија снимил приказна за миграцијата како печалбарски избор наспроти миграцијата како последен очаен обид за спас.

Студентската програма на „Македокс“ се одржува веќе четири години. Досега се прикажани повеќе од 50 филмови, а гостувале 40-тина студенти од различни земји. На јубилејното издание на „Македокс“ за прв пат, благодарение на Current Time TV, ќе биде доделена парична награда во износ од 2.000 евра за најдобриот студентски филм.

Во програмата со македонски документарни филмови на 26 август, во рамките на форумот MakeCoProDox ќе има проекција на „Манаки – Приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, додека на 27 август публиката ќе може да го види и „По патот на клавето“ на Лидија Мојсовски. Секако, десеттото издание на „Македокс“ ќе биде затворено со премиерата на годинава најуспешниот македонски документарен филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов на 28 август. Филмот ќе има проекции во Куршумли-ан и во киното „Фросина“ во МКЦ.