фотографии: Национална галерија на Македонија и Марија Таушанска

Во националната галерина Даутпашин амам вчеравечер беше отворена голема ретсроспективна изложба на академик Васко Ташковски.

Голем број почитувачи на делото на водечкиот претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот, беа дел од овој голем настан. Сите сали на галеријата беа полни со делата што во текот на својот творечки ангажман ги создал познатиот уметник, но со оглед на неговото плодно творештво тоа е само мал дел од неговата ликовна оставнина.

Посетителите можеа да погледнат 140 дела од повеќе периоди на неговото творештво: слики, акварели и цртежи од сите творечки фази на авторот. Но, вкупната бројката на негови дела е импресивна: создал околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.

Куратор на изложабата е Маја Чанкуловска – Михајловска, а за делото на големиот уметник се осврна писателот Раде Сиљан. Тој нагласи дека е вистински подарок за македонската ликовна уметност што имаме еден уметник од толку висок ранг како Ташковски меѓу нас.

И самиот автор им се обрати на присутните, заблагодарувајќи им се на честа што ја посетиле неговата ретроспективна изложба, а се наврати и на своите почетоци, кога ја започнал потрагата по својата врвица низ лавиринтите на боите и формите. Создавајќи автентичен ликовен израз, во континуитет се до денес, Ташковски создава класично сликарство според својата пластична структура, а воедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета.

За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата“ (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали) од 1974 година.

Васко Ташковски е роден на 31 август 1937 година во Нижополе, Битола. Средно уметничко училиште завршува во Скопје 1958 година. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година. Од 1966 до 1991 година работи како сценограф во Македонската телевизија. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои Награда на СУБНОР „4 Јули“, Белград (1977), Октомвриска награда на СР Македонија, Скопје (1978), Медал на трудот од Претседателството на СФРЈ. Белград (1980) и други. Во 1994 година станува дописен член во МАНУ.

Ретроспективната изложба на академик Ташковски ќе биде отворена до 15 декември.

М.Т.