Во група гробници на Кипар, стари преку 3.000 години, откриен е златен привезок во облик на лотосов цвет со скапоцени камења, сличен на оној што го носела кралицата на древниот Египет, Нефертити. Покрај накитот, меѓу 500-те пронајдени артефакти, се издвојува печат со името на месопотамискиот бог Амуру.
Археолозите од Шведска и Кипар, кои ги проучуваат овие подземни гробници во античкиот град Хала, Султан Теке, пронајдоа остатоци на 155 луѓе и околу 500 парчиња накит и други вредни предмети.

Телата биле закопани едно над друго, а научниците веруваат дека гробницата се користела со генерации, соопшти Универзитетот во Гетеборг.
– Наодите укажуваат дека гробниците биле користени од владејачката елита во градот. На пример, најдовме скелет на петгодишно девојче со златен ѓердан, златни обетки и златна дијадема, што значи дека детето припаѓало на богато и моќно семејство – изјавил Петер Фишер, почесен професор на универзитетот во Гетеборг и истражувачки лидер во Кипар.

Накитот пронајден во гробовите изработен бил од злато, сребро, бронза и слонова коска, а откриени се артефакти од повеќе светски култури, географски многу оддалечени еден од друг.

Како еден од најзначајните наоди археолозите го издвојуваат минералниот печат од хематит, на кој биле испишани имињата на месопотамискиот бог Амуру и двајца кралеви познати во историјата, татко и син. Необично е што таков печат завршил на Кипар, 1.000 километри подалеку. Експертите утврдиле дека овој печат потекнува од 18 век п.н.е.
Откриени се и црвени карнеолски скапоцени камења од Индија, сини скапоцени камења од лапис лазули од Авганистан и балтички килибар. Научниците веруваат дека ова е доказ дека луѓето од бронзеното време имале развиена трговска мрежа.

– Најдовме и керамички бик, кој имаше два отвори на телото. Едниот на грбот низ кој се ставала течност, најверојатно вино, а другиот на носот на бикот преку кој се пиела течноста. Веројатно се користел за ритуални цели во гробницата, при оддавањето на почит на покојникот – наведува Фишер.
Покрај златниот привезок што го носела египетската кралица Нефертити, пронајдени се и други предмети од древниот Египет, како амајлии во форма на скараби со испишани хиероглифи или остатоци од риби увезени од долината на Нил.
– Споредбите со слични наоди покажуваат дека повеќето градби од Египет датираат од владеењето на кралицата Нефертити и нејзиниот сопруг Ехнатон, таткото на Тутанкамон, околу 1.350 п.н.е. – вели Фишер.
Археолозите планираат да направат и ДНК анализа на коските пронајдени во гробниците, со цел да утврдат дали сите тие се поврзани и колку луѓе меѓу нив се дојденци од други култури, а биле закопани во гробницата.