Квинтетот „Белтанго“

Огромна заинтересираност има за билетите за претстојните два концерта на оркестарот на Филхармонијата: „Штурецот и мравката“, наменет за најмладите, кој ќе се одржи на утре, во 12 часот, и љубовниот концерт „Бакнеж и танго“, закажан за 14 февруари (петок). Детскиот концерт Филхармонијата го реализира во соработка со НЛБ. Диригентка е Елена Митревска, аниматор е Мартин Јорданоски, а на програмата се дела од Монти, Пахелбел, Штраус, Бернштајн, Сен-Санс, Елгар, Моцарт…
„Бакнеж и танго“, пак, е посветен на тангото, кое ќе биде презентирано во неговата автентична форма, но и преку фузија со музиката од Балканот. Оваа фузија е препознатлив печат на квинтетот „Белтанго“ од Србија, кој ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонијата и диригентот Мириан Кукунаишвили од Грузија. На програмата се композиции од танго-мајсторите Родригез, Скарпино, Гардел, Пјацола…, а ќе чуеме и композиции од Дуке Бојаџиев и Горан Бреговиќ, кои се напишани во духот на оваа музика.

Квинтетот „Белтанго“ е основан во Белград, во 1998 година, по иницијатива од Александар Николиќ, првиот концертен бандонеист во Србија. Главната интенција на овој квинтет е да ѝ ја претстави на пошироката публика танго-културата, а во исто време да даде и свој придонес во развојот на оваа популарна музичка форма. Освен традиционални танго-композиции, како и т.н. танго-нуово дела, кои ги иницира Астор Пјацола, на репертоарот на „Белтанго“ се наоѓаат и нивни авторски композиции, кои својата инспирација ја наоѓаат во своевидната фузија на танго-музиката и музиката од Балканот. Тие изградија свој единствен музички жанр – белтанго.

„Белтанго“ е првиот танго-оркестар од Балканот што во својот состав го негува звукот на автентичниот бандонеон, инструмент што историски нераскинливо е поврзан со тангото. Токму неговата единствена боја и звук го создаваат неповторливото танго-доживување. Концертираат низ целиот свет, а досега имаат реализирано повеќе од 900 концерти на интернационали фестивали и концерти сцени во 20 земји: Аргентина, Германија, Франција, Швајцарија, Виетнам, Шпанија, Данска…

По покана од аргентинското министерство за култура, „Белтанго“ учествуваше на најголемиот светски танго-фестивал во Буенос Аирес, во 2007 година, како единствен танго-оркестар од Европа. Добитници се на престижната награда „астор пјацола“ во 2008 година, која ја доделува фондацијата на славниот композитор. Зад себе имаат и неколку дискографски изданија: „Белтанго нуево“ во 2001-та, „Белтанго ен виво“ во 2004-та, „Белтанго трилогија“ во 2007-та, „Театро дел Алма“ во 2014-та. Најдрагата потврда и пофалба за досегашната работа, „Белтанго“ ја доби од Даниел Пјацола, син на славниот Астор Пјацола.