Виртуелната изложба е подготвена со експонатите од Народниот музеј во Белград, а ваквиот вид посета се реализира поради пандемијата на коронавирусот, која сѐ уште трае. Предвидено е изложбата да гостува и низ Европа, а заинтересираност за неа има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб

Со виртуелната изложба „Требениште“, Народниот музеј од Белград ја одбележува 176-годишнината од своето основање. Таа може да се погледне на неговата веб-страница, а од музејот, по повод јубилејот на 10 мај, посочуваат дека станува збор за меѓународниот изложбен и истражувачки проект „Требениште“, со кој, по повеќе од сто години од откривањето на истоимената некропола кај Охридско Езеро, првпат се обединети археолошките наоди што се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, во Археолошкиот музеј на Македонија, во Музејот во Охрид и во Народниот музеј во Белград, како и истражувањата на стручните лица од Бугарија, Македонија и од Србија.
Виртуелната изложба е подготвена со експонатите од Народниот музеј во Белград, а ваквиот вид посета се реализира поради пандемијата на коронавирусот, која сѐ уште трае.
Народниот музеј во Белград се смета за најстар државен музеј во Србија, основан со указ на тогашниот министер за просвета, писателот Јован Стерија Поповиќ, каде што денес се чуваат и документираат повеќе од 450.000 музејски предмети. На неговата веб-страница во овој период, освен „Требениште“, се и уште две нови виртуелни изложби: слики на Влахо Буковец (од музејската колекција) и изложбата „Слики од Балканот“ на Паја Јовановиќ.
Речиси пред два месеци, на средината на март, Археолошкиот музеј на Македонија прв ја понуди по виртуелен пат посетата на, како што ја нарече, „најексклузивната интернационална изложба на овие простори – 100 години Требениште“, која во неговите простории во Скопје, на свечен начин, со присуство на многу луѓе, беше отворена лани на 15 март.

Ексклузивната изложба „100 години Требениште“, по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, во Археолошкиот музеј на Македонија содржеше голем број експонати, меѓу кои златните маски од 6 век пр. н. е. најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода беа донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и од Бугарија. Беа прикажани над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло. Предвидено е изложбата да гостува и низ Европа, а заинтересираност за неа има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб. Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народниот музеј од Белград, Националниот археолошки институт и музеј од Софија и Заводот и музеј од Охрид. Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и од Бугарија со овој проект ја одбележуваат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид, со случајниот пронајдок на 20 март 1918 година.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници, со текстови од 26 автори, музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија. Содржи детални податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.