Организаторите на првата голема изложба на „Фаберже“ после 1993 година, во музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Русија, добиваат низа критики и обвинувања дека меѓу експонатите има и фалсификат.

Изложбата била отворена на 25 ноември 2020 година.
На почетокот на јануари Андреј Ружников, лондонски дилер на уметнички дела и колекционер испратил писмо до Михаил Пјотровски, директор на „Ермитаж“ во кое тој укажува дека околу 20 експонати од изложбата „Фаберже “ се фалсификати и „вулгарни реплики“. Ружников го обвинува директорот Пјотровски за „уништување на авторитетот на музејот“.
Ружников забележува дека сите царски јајца биле произведени во една копија, а изложените во „Ермитаж“ ги повторуваат експонатите што веќе биле признати како оригинали во други руски музеи.

Поради тоа, Ружников смета дека постои сериозна причина за сонеж во автентичноста на голем број предмети на изложбата.

„Ермитаж“ одбил да разговара за автентичноста на експонатите.
Во списокот на експонатите и во каталогот на изложбата, „Ермитаж“ ги идентификува спорните предмети како оригинални дела на „Фаберже“, а Татјана Бабошина, куратор на изложбата ги претставува како кралски подароци.

И покрај тоа музејот одбил недвосмислено да каже дали експонатите се оригинали или не.
Покрај Ружников, германските експерти Геза фон Хабсбург и Александар фон Солодков се сомневаат во автентичноста на експонатите од кои некои се поврзани со Константин Голошапов, бизнисмен од Санкт Петербург.

Бизнисменот Голошапов се смета за пријател на рускиот претседател Владимир Путин. Според нив постои фондација во Италија, основана од сопругата на Голошапов, чиј почесен претседател е Михаил Пјотровски, директорот на „Ермитаж“.
Оваа фондацијата е посветена на уметничкото наследство на Леонардо да Винчи и исто како и во случајот на „Фаберже“, организира изложби на делата на овој мајстор, кои повеќето експерти не ги препознале.