Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника се некои од основните критериуми по кои ќе се раководи жирито при одлучувањето. Одлуката ќе биде донесена по сериозно препрочитување на пристигнатите ракописи и по одржувањето неколку состаноци, на кои изборот ќе се стеснува

ЗАТВОРЕН КОНКУРСОТ ЗА КРАТОК РАСКАЗ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Вкупно 189 раскази пристигнаа на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“, кој го распишавме на први септември, а кој беше отворен за сите заинтересирани пишувачи заклучно до 30 септември. Во наредниве денови бројката на ракописи може да се зголеми со оглед на тоа што во конкуренција за наградите влегуваат сите пристигнати пликови со датум до 30 септември.

Во наредниот двонеделен период жирито ќе ги разгледува и препрочитува пристигнатите ракописи, а резултатите ќе бидат објавени на 15 октомври. Врачувањето на наградите е кон крајот на октомври, околу годишнината од излегувањето на првиот број на нашиот весник.

Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника се некои од основните критериуми по кои ќе се раководи жирито при одлучувањето. Одлуката ќе биде донесена по сериозно препрочитување на пристигнатите ракописи и по одржувањето неколку состаноци, на кои изборот ќе се стеснува.

По доделувањето на наградите, редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.
Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успеа да направи бренд од Конкурсот за краток расказ, кој, патем, е во тек и кој годинава го бележи своето 58. издание од почетоците, а десетто од возобновувањето на весникот.

Колку и да се чини застарена идејата за објавување расказ во дневниот печат, годините ни покажаа дека овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност можеме да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде културата на читање на кратките раскази. Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание, иако гладот на читателите за оваа книжевна форма е повеќе од очигледен. Затоа иницијативата на „Нова Македонија“ да го негува расказот на домашните автори е од голема важност. Оваа акција практично го прероди жанрот.

Конкурсот за краток расказ е една од најпрепознатливите практики од зенитот на постоењето на првиот дневен весник. Обновен е за да ја поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е популарна, современа и широкоприфатена од читателската публика. Краткиот расказ е дел од колективната меморија и култура на македонскиот народ, која има корени уште во усните расказни и наративни форми.
Лани добитничка на првата награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за ракописот „Присвоено јунаштво“ беше авторката Силвија Митевска, второнаграден расказ беше „Дедо Митре го урива покривот“ на Ѕвездан Георгиевски, а на третонаграден „Инаетот што тлее меѓу нас!“ е писателот Ермис Лафазановски. Добитници на откупните награди беа: Билјана Стевковска-Савиќ за расказот „Несреќна случка“, Петар Андоновски за „Кој се плаши од Минотаур?“ и Марио Букна за „Колекционер на кукли“.

Конкурсот за краток расказ има долга традиција и, со кратки паузи, се објавува повеќе од половина век. Краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза преку овој конкурс покажа дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Што е уште поважно, во духот на времето, некои од расказите лани беа поврзани со современи теми и со нов модерен израз.