Во Годишната програма на Министерството за култура, во делот на меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО, се вклучени сите турнеи и претставувањата на македонската култура надвор

Театарска екипа на Македонскиот народен театар деновиве гостува во Катманду, Непал, со претставата „Разговори во четири очи“, во режија на Нина Николиќ. Гостувањето на МНТ во Непал е во рамките на „НИТФест“, меѓународен театарски фестивал што се одржува од 25 февруари до 4 март оваа година. За учество на фестивалот аплицирале 125 театарски компании, а во програмата влегоа 30 претстави (12 непалски и 18 странски продукции) од девет држави. Претставата „Разговори во четири очи“ има една изведба на фестивалот, а втората е во паралелната програма во театарот во Покхара. Актерската екипа што тргна на пат за Катманду ја сочинуваат Амернис Нокшиќи-Јовановска, Петре Арсовски, Нина Деан, Дарја Ризова, Катина Иванова, Благој Веселинов и Дамјан Цветановски.
Ова е едно од првите гостувања годинава на македонските културни институции, а во Годишната програма на Министерството за култура во делот на меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО се вклучени сите турнеи и претставувањата на македонската култура во странство што добија поддршка за реализација во 2019 година.

Така, годинава ќе се реализираат Денови на македонската култура во Руската Федерација, Олга Панкина ќе го реализира проектот „Читај ја Македонија“ во Москва, Македонија ќе се претстави на меѓународните саеми на книгата во Франкфурт и во Истанбул, а ќе учествуваме и на манифестацијата „Денови на словенските култури“ во Санкт Петербург.

Во драмската дејност, Детскиот театарски центар од Скопје ќе гостува со претставата „Во светот на басните“ на Меѓународен театарски куклен фестивал во Измир, а режисерот Бесфорт Идризи ќе биде дел од режисерска лабораторија во театарскиот центар „Линколн“ во Њујорк, САД.

Во музичката дејност има најмногу гостувања: Емилија Кабранова Филипова ќе има концерти во Крагуевац и Нови Сад, Страшо Темков во Бања Лука и Тузла, рецитал на Ендра Адеми ќе има во Корча, Албанија. Дирекцијата за култура и уметност ќе ја изведе современата балетска претстава „Метаморфоза“ во Белград, Мешаниот градски хор „Вокс Лихнидос“ од Охри ќе ја промовира македонската хорска музика во Врњачка Бања, хорот „Св. Злата Мегленска“ ќе одржи концерт по повод одбележување на Денот на независноста во Париз, Анастасија Грговска ќе го одржи концертот „Дистанца“ во Неапол, Мимоза Ќека со „Пијанистички звуци“ настапува во Париз и во Рим, Филип Шурбевски со „Квартет Мацедонико“ оди на фестивалот „Аман за земјите од Балканот“ во Аман, Емил Рибарски ќе има самостојни рецитали во Зинделфинген, Германија и во Брцег и Вроцлав, Полска. Јана Четелева Белевска ќе има солистички и дуо пијано-концерт во Сарасота, Владимир Крстев ќе настапи на меѓународен музички фестивал во Бостон, потоа ќе учествуваме на меѓународен фестивал за традиционален фолклор во Воралберг, Австрија, Ева Богоевска со солистички концерт оди во Лисабон, Португалија…

Нашите фолклорни друштва ќе се претстават на меѓународни фестивали во Мернемен (Турција), Берковица (Бугарија), Марибор (Словенија), Сатулунг (Романија), Таргу Мурес (Романија), Денизли (Турција), Агригенто (Италија), Будимпешта (Унгарија), Краков и Шзирсус (Полска) и уште многу други земји.

Во делот на визуелни уметности, Петра Јовановска-Ристовска со изложбата „Во границите на мојот круг“ оди во Париз, а со проектот „Корени и крила“ во Осврачин, Чешка. Во „Прима-центар Берлин“ ќе се претстават младите ликовни автори: Слободан Милошевски, Дејан Џолев, Игор Ангелов, Јана Луловска, Филип Коруновски.
Анастасија Пандиловска со изложба оди во Загреб, Гордана Хаџи Николова Малашев со проектот „Црвената линија на просторот“ во Љубљана, Дејан Иванов со самостојната изложба „Космички пејзажи“ во Пловдив, Катерина Деспот со проектот „Недефинирани пространства“ во Врање, а ИКОН-асоцијација за култура ќе го реализира проектот „Светлина“ во Париз.

Македонска академија на науките и уметностите ќе има изложба во Академијата на науките и уметностите на БиХ, во Црногорската академија на науките и уметности и во Српската академија на науките и уметностите.
Наши уметници ќе се претстават и во Париз, Дубровник, Малме, Ниш, Бразил, Котор, Белград, Ајндховен… Јана Манева-Чупоска со изложбата „Чеиз“ ќе патува во Токио, Башким Меџити со „Културни траги“ во Берлин, Тања Балаќ – во Белград, Јане Теохаревски со проектот „Од темните лавиринти на МТВ до дувлото на кенгурот“ во Мелбурн. Престој во ателјето во Париз ќе имаат: Владимир Темков, Евгениј Пантев, Верим Зендели, Висар Исени и Машиде Лочи. Музејот на градот Скопје ќе ја претстави изложбата „Скопска тврдина – симбол на градот“ во Нови Сад, а проектот „Кога зградите би зборувале“ на Квадриеналето за сценски дизајн и простор во Прага.
Потоа Македонскиот ПЕН-центар ќе учествува на конференција во Блед, Словенија, и на Меѓународниот ПЕН-конгрес во Манила, Филипини. Од македонските писатели, Славица Свидерска ќе го реализира проектот „Компаративно проучување на македонската и словачката книжевност на 20 век“ во Нитра и Братислава, Словачка, и во Брно, Чешка, потоа Никола Маџиров ќе има активности за јубилејот 20 години на меѓународната поетска мрежа „Лириклајн“ и присуство на средбите на координатори во Берлин, Германија.
Издавачката куќа „Магор“ ќе учествува на доделување на наградата „Балканика“ во Атина.
Здружението на граѓани „Артопија“ ќе има активности на манифестацијата Европски град на културата 2019 во Матера, Италија.
Поголеми изложби надвор се: „Балканскиот Дон Кихот во Европа“ на Владимир Георгиевски во Малага, изложба на Сашо Саздовски и Пандора Апостолоска Саздовска во Дубаи, Владимир Илиевски со изложба на византиска иконографија во Колумбија, Мисури, САД, Симонида Филипова Китановска со претставување македонски уметници во Урбино, Италија, Маја Кировска со реализација на изложбата „Движењето на розовите пижами“ во Париз, Франција…