Меѓународен ден на музеите – 18 мај

Повеќе од педесет години, музеите низ целиот свет го одбележуваат 18 мај како Меѓународен ден на музеите. На Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ), одржано во Москва во 1977 година, овој датум беше официјално востановен како празник на музеите, за да се обединат креативните аспирации и напори и да се насочи вниманието на јавноста во целиот свет на нивната дејност. Оттогаш наваму, на тој ден овие културни институции традиционално ги отвораат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, поставуваат изложби, организираат промоции или други настани, за да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од пошироката публика.

– Годинава, за жал, музеите во поголем дел од светот нема да можат во целост да ја остварат својата мисија, барем не во просторна смисла. Поради кризата предизвикана од коронавирусот, физичкиот пристап до постојаните поставки, тематските изложби и другите музејски содржини е оневозможен. Сепак, музеите и во овие кризни времиња наоѓаат начин да презентираат дел од културното наследство за кое се грижат, по електронски пат – велат од Музејот на Македонија, кој со пригодни содржини ќе го одбележи Меѓународниот ден на музеите.

На профилите на социјалните мрежи на музејот ќе бидат споделени повеќе документарни филмови, во согласност со темата на годинашното одбележување „Музеите за еднаквоста: различност и инклузија“. Имено, преку овие филмови, пошироката јавност ќе има можност да се запознае со културата на Македонците и другите етнички заедници што кохабитираат во нашата земја. На тој начин, дел од разноликиот мозаик на етнолошкото наследство на Македонија ќе биде достапен за сите еднакво.