Најновата драма на Јордан Плевнеш, „Глобална комедија“ се поготвува во култниот
Сатиричен театар „Алеко Константинов“ во Софија, а светската праизведба е предвидена за први и втори декември.

Претставата е во режија на францускиот режисер Патрик Вершурен, а во главните улоги настапуваат: Јорданка Стефанова, Теодор Елмазов, Росица Александрова и Богдан Казанџиев, бугарски актери со богата уметничка кариера.

Сценограф на претставата е Бојана Семерџиева, а автор на оригиналните сонгови е
Константин Плевнеш. Арт видеото за претстава е дело на Милчо Узунов, а звучниот дизајн го работи Мартин Каров.

По изведбата, во текот на оваа сезона во Софија, претставата ќе се игра и во Париз, во Театарот Белвил. Заедно со бугарските, ќе настапат и француските актери Наташа
Машкевич и Филип Морино.

Интересно е да се одбележи дека прв македонски автор игран на сцената на Народниот театар „Иван Вазов“ е токму Плевнеш, со драмата „Р“, во режија на Љубиша Георгиевски, а во главните улоги настапија, македонскиот актер Петар Темелковски, кој што ја играше улогата на македонски јазик и бугаскиот актер Марин Јанев, кој ја играше улогата на бугарски јазик.

На премиерата во октомври 1992 година, присуствуваа претседателот на Бугарија Жељу Жељев и претседателот на Република Македонија Киро Глигоров.

Францускиот режисер Патрик Вершурен, во повеќе бугарски медиуми изјави дека оваа
праизведба е круна на неговиот интерес за балканската драматургија, бидејќи во 1998
година, тој ја презентираше во над 120 театри во Франција Балканската трилогија –
Гробица за Борис Давидовиќ од Данило Киш, Казна за Малвина од Мирко Ковач и
Среќата е нова идеја во Европа од Јордан Плевнеш.

Интересот за претстава во Софија е огромен и на премиерата се најавени поголем број на директори на театари од Европа и водечки театарски критичари на повеќе медиуми.