Насловите од изборот на Деновите на рускиот филм се продуцирани во студиото „Ленфилм“ во периодот од 1960-тите години, па до поновата продукција на филмот што ја отвора манифестацијата, „Развод по сопствена желба“, на сценаристот и режисер Илија Северов

Од 28 септември до 2 октомври Кинотеката на Македонија е домаќин на Деновите на рускиот филм, во соработка со „Ленфилм“ од Москва. Гостин на Деновите на рускиот филм е филмскиот експерт Александар Позњаков, автор на документарниот филм „Звуците од старите ѕидови“, со кој ќе биде затворена оваа манифестација во Кинотеката. Филм на отворањето е „Развод по сопствена желба“, на сценаристот и режисер Илија Северов.

Насловите од изборот на Деновите на рускиот филм се продуцирани во студиото „Ленфилм“, во периодот од 1960-тите години, па до поновата продукција на филмот што ја отвора манифестацијата.

– Во петте вечери посветени на продукциите на „Ленфилм“ ќе имаме можност да видиме девет наслови на автори различни по нивната естетика, како и филмови од различни периоди на постоењето на ова филмско студио. Затоа на програмата на Деновите на рускиот филм, со соработка со „Ленфилм“, ќе ги сретнете имињата на Борис Пастернак, како сценарист, режисерите Григори Козинцев и Алексеј Герман (меѓу другите), актерот Инокентиј Смоктуновски и многу други значајни имиња од советската ера на руската кинематографија, но и нови имиња – најавуваат од Кинотека.

„Развод по сопствена желба“ наедно е и драма и комедија. Сниман е по традицијата на доброто старо советско кино, во кое гледачот е принуден безусловно да сочувствува со хероите. В сабота е проекцијата и на филмот „Човек амфибија“, во режија на Владимир Чеботарев и Генадиј Казански, кој раскажува за рибарите од Буенос Аирес и ловците на бисери, кои се исплашени од мистериозно морско чудовиште. В недела, од 19 часот, ќе биде прикажан „Хамлет“, во режија на Григори Козинцев. Посветеноста на Козинцев кон Шекспир се гледа и во тоа што напишал книга на таа тема: „Шекспир, време и совест“. Уште при самото појавување, филмот се стекнува со големи пофалби и на Исток и на Запад. Западњаците ја подвлекуваат музиката на Шостакович како алтернатива на фактот дека филмот е снимен според рускиот превод на Пастернак и на руски јазик, а и славниот Питер Брук има главно поволни мислења за филмот и ја истакнува потрагата на Козинцев кон суштината на пиесата. Филмот има освоено специјална награда во Венеција.

На програмата се и филмовите: „Дамата со кучето“, „Началникот Чукотки“, „Женидба“, „Дваесет дена без војна“, „Вљубен по сопствена желба“ и „Звуците на старите ѕидови“ – документарен филм што раскажува за сите главни историски пресвртници на филмското студио „Ленфилм“. Познати актери, режисери и продуценти се сеќаваат на златната ера на „Ленфилм“ и прераскажуваат смешни и тажни приказни што се случиле во тоа студио. Прикажани се и пробите на Театарската академија на Моховаја, каде што се обучувала новата генерација актери. Ова е гротескен филм, кој комбинира тажни и смешни сцени, носталгични спомени од убавите времиња на тивкото и убаво кино.