Делото на анонимниот уметник Бенкси, кое го наслика во чест на британските здравствени работници, беше продадено за 16,7 милиони фунти (23,1 милиони долари), на аукција во Лондон. Бенкси ѝ ја донира сликата „Гејм ченџер“ („Game Changer“) на Универзитетската болница во Саутемптон во мај минатата година, за време на првиот бран на пандемијата на ковид-19. На неа се гледа како дете игра со кукла на медицинска сестра на Црвениот крст, која на лицето има маска. Во кантата близу детето лежат заборавените фигури на Бетмен и Спајдермен. Првичната процена на оваа слика беше 3,5 милиони фунти (4,8 милиони долари). Приходите ќе ѝ бидат донирани на Универзитетската болница во Саутемптон, како и на здравствени и хуманитарни организации низ Велика Британија.

Досега „Гејм ченџер“ можеше да се види само во болницата (а ќе биде заменета со репродукција). Кога Бенкси ја донираше, тој ја додаде пораката: „Ви благодарам за сè што правите. Се надевам дека оваа слика ќе го разубави малку местото, иако е црно-бела“. Но ова дело не е единствената работа на Бенкси инспирирана од пандемијата. Тој наслика и стаорци што киваат или користат маски како падобрани во внатрешноста на вагоните на метрото во Лондон. За жал, тие набргу беа отстранети, затоа што Лондон има строга „политика“ против графитите. Во декември, Бенкси наслика жена што кива на ѕидот на една куќа во Тотердаун. Постојано се претпоставува кој е Бенкси, секогаш се појавува некој што тврди дека конечно го открил неговиот идентитет, меѓутоа на крајот излегува дека наводите не се точни.