Германија му ги предаде на Израел илјадниците документи на Макс Брод, најдобриот пријател на Франц Кафка и извршител на неговиот тестамент, кои кријат досега непознати детали од животот на големиот писател. Со тоа заврши долгогодишната меѓународна правосудна сага.

– Ова е епилог на вистинска кафкијанска приказна и чин на историска правда – оцени израелскиот претставник Џереми Исахроф на свеченоста во Берлин.
Брод, кој почина во 1968 г., придонесе за постхумната слава на чешкиот автор, објавувајќи некои од неговите најзначајни дела.
И денес е жив интересот за ракописите на Кафка. Голем дел негови дела не биле објавени за време на неговиот живот и секој непознат документ е потенцијален необјавен текст на славниот автор на германски јазик или би можел да содржи детали од неговиот живот.

Двајцата Израелци во 2013 година контактирале со Германската национална библиотека во Марбах и со потенцијалните приватни купувачи, па им рекле дека поседуваат необјавени документи што му припаѓале на писателот и новинар Макс Брод. Ги уапсила германската сојузна полиција на која израелските власти ѝ дојавиле дека се работи за продажба на лажни дела. Осомничените имале магацин во Визбаден. Во купот лажни уметнички дела откриле неколку ковчези со документи за кои е потврдено дека навистина се на Брод. Со истрагата е откриено дека се украдени од домот на секретарката на Брод во Тел Авив, помеѓу 2009 и 2012 година. Од околу 5.000 страници документи, само еден има потпис на Кафка, разгледница што ја испратил во 1910 година. Но другите ракописи, меѓу кои се и необјавени страници од дневникот на Макс Брод и писма што ги разменувал со сопругата, би можеле да содржат детали од животот на Франц Кафка.

Тие документи ќе ѝ бидат испратени на Израелската национална библиотека, која повеќе од десет години се бори за поврат на целокупната колекција на Макс Брод, во согласност со одлуката на германскиот суд во Визбаден од јануари 2019 година.
Кафка пред смртта во 1924 година барал од својот пријател Брод по неговата смрт да ги запали неговите ракописи, но Брод ги зачувал и ги однел во Тел Авув кога бегал од нацистите. Брод сите документи со тестамент ѝ ги оставил на својата секретарка Естер Хофе, која не ја испочитувала неговата желба и, наместо да ѝ ги предаде на некоја културна институција, во 2007 година им ги оставила на своите ќерки. Оттогаш колекцијата на Брод беше предмет на повеќекратни спорови што завршија на израелскиот врховен суд.