„Геолошки пресек“ е изложбата од Давид Атанасоски што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во влезното фоаје од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ќе биде поставена монументална скулптура, изработена во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“ и составена од два дела чија симболика го објаснува насловот „Геолошки пресек”.

– Главната цел ми беше преку една ликовна интерпретација на геолошките деградации на земјината кора да го моделирам моето уметничко дело користејќи секундарни материјали, во овој случај дрвени штици и хартија. Употребата на овие репродуктивни материјали индиректно се поврзува со идејата за интеграција и имплементација на еколошките, економските и општествените тенденции во глобалниот биолошки екосистем. Ваквата комбинација на материјали е позната низ градежништвото како: оплати и клепиња кои се користат за шаловање на бетонските конструкции на објектите. Штиците и хартијата ги земам како основен материјал за градење на една скулптура која на симболичен начин се поврзува со геолошките процеси на наслојување и градење на земјата. Скулптурата е со димензи 300х180х60 cm. што и дава монументален карактер. Составена од две накршени форми кои ќе образуваат еден цик-цак мотив. Секоја од формите дополнително ќе образува серија на линии и структури кои ѝ даваат дополнителна сигурност и динамика на скулптурата. Тектонските пореметувања и другите феномени во природата на овие наслојки, кои сами по себе образуваат одредена структура од комбинација на линии и форми создаваат една серија на цртежи со цик цак мотиви. Овие градежни материјали ќе укажуваат на процесот со кој се создава или се гради ликовната творба која се поврзува со градењето во природата и наслојувањето на почвата во геолошките пресеци. Низ математика, геометрија и естетика сакам да се обидам во сублимирана форма да ја прикажам големата слика околу овој мотив. Слоевитата обработка на оваа конструктивистичка скулптура изградена од градежен материјал ќе го доловат овој мотив и ќе ја нагласат линијата, формата и ритамот. Распоредувајќи ги хоризонтално, вертикално и дијагонално во просторот ритмички се повторуваат и прават силно нагласена динамика, која во голема мера зависи од распоредот на материјалот, бојата, формите, движењето и рамнотежата на композицијата – вели авторот Давид Атанасоски, кој има дипломирано на ФЛУ и има реализирано повеќе проекти.

Ка.М.