Композиторот Нино Рота (1911 – 1979) е роден во семејство на музичари. Почнал да учи музика во родното Милано, а потоа, додека сѐ уште бил дете, се преселил во Рим и ги завршил студиите на конзерваториумот „Санта Чечилија“ во 1929 година. Бил чудо од дете. Неговиот прв ораториум, „Детството на Сан Џовани Батиста“, бил изведен во Милано и во Париз уште во 1923 година, кога имал само 12 години. Како ученик на авангардните композитори на 20 век, Нино Рота целиот живот пишувал класична музика – опери, балети, оркестарски и камерни дела, хорска музика, музика за театар… Но подоцна се преселил во Њујорк и таму му се отворил еден сосема нов хоризонт – филмската музика. Така, денес се паметат првенствено неговите филмски партитури.

Соработувал со многу режисери, но најпознати се неговата соработка со Федерико Фелини и музиката од филмовите „Ла страда“, „Осум и пол“, „Долче вита“ и „Амаркорд“. Ниеден европски ниту американски композитор немал храброст да пишува музика како Нино Рота. Тој, размислувајќи фрагментарно, со гротескни теми преполни со емотивен набој, создавал романтично-трагична рамка за филмската приказна. Покрај тоа, често се служел со техниката на лајтмотив, која длабоко ја разработел следејќи со неа низа морални и човечки прашања што Фелини ги поставувал во филмовите.

Музиката што Нино Рота ја компонирал за гангстерската сага „Кум“ на Френсис Форд Копола, е едно од легендарните дела што заживеале и надвор од филмовите. Често се изведува и како оркестарска свита на класичните симфониски концерти.

Љубовната тема, во филмот инструментална, а истата 1972 година како „Зборувај побавно“ („Parla piu piano“) на текст на Џани Бонкомпањи, првично изведена од Џани Моранди, е најпознатата љубовно-гангстерска музика. Претходно со истата тема, но во поинаква форма, Нино Рота го илустрирал филмот „Фортунела“ од 1958 година. Токму поради ова, по номинацијата за „оскар“ во 1973 година во категоријата најдобра оригинална музика, членовите на Академијата го дисквалификувале Нино Рота.
Сметале дека музиката не е „оригинална“, зашто претходно еден дел од неа бил напишан за друг филм. Па сепак, без оглед на тоа, Нино Рота се закитил со „оскар“ наредната 1974 година за музиката за филмот „Кум 2“, иако истата љубовна тема цело време го обојува филмот.

Лада Шоптрајанова Петровска