Фото: Маја Јаневска-Илиева

Следниот месец ќе испратиме повик до членството за конкурирање со проекти за изложби во кафе-галеријата во Безистенот, најави претседателот на ДЛУМ, Филип Фидановски

Со отворањето на изложбата „Деконструкција на пејзажот“ на уметницата Марјана Костојчиноска-Узунчева ,во познатата „Галерија 8“, во Безистенот во Старата скопска чаршија, Друштвото на ликовните уметници (ДЛУМ) повторно го стави во функција овој свој простор, кој мошне успешно функционираше во периодот од 2011 до 2014 година. Во тој период таму се одржуваа не само голем број изложби што се паметат туку и промоции на книги, поетски читања, перформанси. Во годините што следуваа активностите се проретчија и просторот што некогаш беше исполнет со уметност сѐ помалку се споменуваше во јавноста. Денес малиот простор на кафе-галеријата е исполнет со делата од изложбата на Костојчиноска-Узунчева, кои го привлекуваат вниманието со самото влегување во него, а во функција се и двете ателјеа на ДЛУМ што се наоѓаат во истиот комплекс.

– Повторното отворање на „Галерија 8“ значи и промоција на нови камерни изложби и нови мултимедијални промоции. Едноставно, ја продолжуваме динамиката на камерните изложби во неа, а заложбите ни се од септември тие да бидат отворани еднаш месечно. ДЛУМ следниот месец ќе испрати и повик до членството за конкурирање со проекти за изложби во истата галерија. Едното од двете ателјеа до неа го користи сликарот Решат Амети, а другото моментално служи како магацин на ДЛУМ, каде што ги сместивме штафелаите и опремата за графика што ни се донирани. Засега е така, додека не добиеме конечно седиште на Друштвото и галерија – изјави новиот претседател на ДЛУМ, Филип Фидановски.

Тој очекува од септември да се интензивираат нивните активности, но и посочи дека доколку постои заинтересираност, ќе се воспостави и соработка со општината Чаир, на чија територија и се наоѓа безистенот, едно од најубавите јадра во чаршијата, кое и денес го посетуваат голем број туристи. Фидановски напомена дека не може да наброи некои од планираните активности додека не добие одговор од жалбената постапка во однос на годишната програма на Министерството за култура. Друштвото на ликовните уметници на Македонија има поднесено и барање до Владата за доделување нов простор за неговото седиште, но и таа постапка е во процедура.

Уметницата Марјана Костојчиноска-Узунчева неколку дена по отворањето на „Деконструкција на пејзажот“ посочи дека изложените дела се создавани лани и годинава, најмногу во Берово, како дел од ликовна колонија што таа ја реализира со свои ученици.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Дел од моите ученици се многу интересни, со немирен и креативен дух, а некои од нив се и на ликовни академии во Скопје, Македонија, Холандија, Канада, САД. Понекогаш си наоѓаме слични теми и заедничка инспирација за нештата што ги креираме. Кога ќе погледнам наназад, на ликовните колонии на кои сум била во Македонија, па и во странство, некако несвесно сум работела и пејзажи. Тие се работени во мојот медиум на комбинирање на техниките, колажирање, но никогаш не сум ги правела наменски. Не сум размислувала дека токму сега ќе правам пејзажи. И кога нешто природно, нормално го создаваш, тоа дејствува многу поискрено, чисто, неоптоварено. Мислам дека целиот претходен период на барање на формата и композицијата некако се спои токму во пејзажите и полека, но сигурно, тие излегоа на површината. Ако досега сум работела само со текстилот и сум го поврзала сето тоа во ликот на балканската жена, сега формата што директно ја гледам пред мене во околината каде што сетилата многу повеќе примаат отколку што ние сме свесни, пејзажот како тема се поврзал со размислувањата што постојано ми се вртеле во глава. Поточно, станале дел од идеите, од темите на мојот интерес. Асимилацијата на природните форми во геометриски, потоа композицијата што ги држи и контролира боите – сето тоа се поврзува со текстурата. Рапавите, мазните делови од колажите и силните црвени тонови, во комбинација со длабококафените, совршено ја отсликуваат Македонија како земја. Мислам дека посетата на различните предели од неа најмногу ми дејствуваше креативно за овие пејзажи да бидат сработени токму на овој начин. Со деконструкцијата се менуваат реалните форми за кои јас немам интерес, се менуваат до степен на форма што е слична на геометриска. Со изборот на боите тоа сечење на формата уште повеќе се нагласува, а сето тоа на крајот кулминира во текстурата, која е носител на мојот основен израз – рече уметницата.

За неа како авторка, чест и привилегија е да биде дел од големиот број уметници што досега се претставувале и изложувале во „Галерија 8“.
– За мене просторот во Безистенот е многу интересен и уникатен. Мислам дека овој дел од Старата скопска чаршија повторно ќе заживее и ќе се врати релаксираната атмосфера од чајџилниците и ателјеата на уметниците и креативниот дух, кој барем јас како студентка на Факултетот за ликовни уметности сум го доживеала – рече Костојчиноска-Узунчева

Таа е и потпретседателка на ДЛУМ, па од таа позиција и посочи дека во него постојат многу позитивни иницијативи.

– Мислам дека ДЛУМ ќе може да им понуди многу повеќе на своите членови, а наедно и на помладите генерации, кои ќе му дадат свежина со нови идеи и енергија. Јас најмногу се надевам дека конечно ова друштво ќе добие свој простор во владеење. Свесни сме за големото незадоволство во државава од конфузијата во Министерството за култура, но токму уметниците со своите иницијативи би требало да бидат двигатели, односно тие што ќе се борат работите севкупно да се насочат таму каде што треба, во некоја насока што би била позитивна за ова општество такво какво што е. Сепак, треба да се потсети јавноста на фактот дека ДЛУМ е најстарата организација во државава од таков карактер. Тоа значи искуство, традиција и квалитет. Опстојало досега и покрај сите предизвици на времето – истакна уметницата.

Фото: Маја Јаневска-Илиева