Посети го музејот

Меѓу најпосетените места во Крушево е галеријата на слики на познатиот сликар Никола Мартиноски, чиј опус го прави една од најистакнатите фигури на македонската култура во 20 век. Крушево е еден од ретките градови со богата историја и дури шест музеи со своја приказна за ликови и настани од минатото. На самиот влез во градот, ако погледнете нагоре од десната страна, ќе забележите една прекрасна градба, една од најубавите крушевски куќи. Галеријата е основана во 1968, а најстариот цртеж во збирката датира од 1928 година. Во оваа куќа е изложен голем дел од творештвото на еден од позначајните македонски сликари на 20 век, Никола Мартиновски, кој по потекло е од Крушево, а и живеел тука доста години.

Во колекцијата се некои од најзначајните дела што ги создал големиот сликар, како на пример делото „Мајка со дете“ и многу други, а ќе видите и традиционални крушевски одаи, оригинално зачувани со сите карактеристики и обележја на тоа време. Старата куќа во која е сместена галеријата е пријатен, топол и непретенциозен изложбен простор. Во него е сместен избор од творештвото на сликарот, кој живеел од 1903 до 1973 година. Академикот Мартиноски на својот роден град му подарил 62 слики изработени во масло, темпера и цртежи. Неговите дела од 1960-тите години се на теми од животот, обичаите и од амбиентот на крушевската куќа. Во 2000 година во просторот на галеријата е презентирана и етнолошка поставка со изложби на крушевска одаја и носиите во Крушево и Крушевско во 19 век. Тука можете да почувствувате и дел од атмосферата на старите крушевски куќи, да им се восхитувате на боите на простирките од козјо влакно и на вградените мусандри и долапи во ѕидовите каде што се чувале постелнините и кујнските работи. Етнолошката поставка содржи и дел од народното богатство од околните села – Селце, Кошино, Благоевце…
Галеријата е отворена за посетители од вторник до недела од 9 до 16 часот.