Со концертот насловен „Данте 700“, на кој како солист ќе настапи нашиот пијанист Симон Трпчески, вечерва, во 20 часот, се отвора новата концертна сезона на Филхармонијата, насловена „Филхармонија во движење“.
– Со ново мото ја започнуваме оваа концертна сезона – „Филхармонија во движење“, кое алудира на фактот дека во екот на најголемата пандемија, нашата институција не ги затвори портите за својата публика, туку продолжи да се „движи“ и да ја реализира својата програма – вели Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонијата.
На програмата на концертот со кој се отвора сезоната се две дела од Франц Лист, а диригент е Габриел Бебешелеа.
Среќен сум што сум повторно тука, што се враќам со ваков исклучителен концерт, со кој ја затвораме концертната серија што ја започнавме минатата година, која му е посветена на исклучителниот италијански писател Данте Алигиери и неговата „Божествена комедија“. Тоа што сум заедно на сцена со мојот долгогодишен пријател Симон Трпчески е исто така важно за мене, досега сме настапувале насекаде низ светот, но ова ни е прв заеднички настап во Македонија. Моите концерти оваа сезона во Филхармонијата се на некаков начин поврзани со времето, како тоа се отсликува на позитивен и на негативен начин. Таков ќе биде и проектот насловен „Време“, со кој ќе ја затвориме оваа концертна сезона – вели маестро Габриел Бебешелеа, шеф-диригент на Филхармонијата.
Солистот Симон Трпчевски вели дека е пресреќен што ќе настапи заедно со маестро Бебешелеа и со оркестарот на Филхармонијата.
Овој концерт се реализира по покана на Габриел, со кого досега сме имале повеќе заеднички настапи во различни делови на светот, но ова ни е прв во Македонија. Станува збор за голем професионалец, музичар што ќе понуди многу свежина во програмскиот концепт на Филхармонијата. Програмата на концертот „Данте“ е целосно изградена на опусот на Лист, неговиот Концерт бр. 2 е исклучителен, како и целокупниот негов опус, има многу иновации во формата и во начинот на кој го претставува пијаното – вели Трпчески.
Во новата концертна сезона ќе настапат исклучителни солисти, како Тимоти Рајдаут (виола, Англија), Јеил Еум Сон (пијано, Ј.Кореја), Марија Солозлобова (виолина, Русија), Андреи Коробејников (пијано, Русија), Елишија Силверштајн (виолина, САД), Сајака Соџи (виолина Јапонија), квартетот „Баланеску“… Со оркестарот ќе диригираат Паскал Галоа, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Урош Лајовиц, Михал Нестерович и др. Освен солистите што доаѓаат од различни краишта на светот, ќе настапат и домашни уметници – Анна Кондратенко, Ева Богоевска, Маја Чаначевиќ, Паскал Краповски.