Од вчера до 21 јули на неколку атрактивни локации, на бродот „Галеб“ и на плажата „Оревче“ на Охридско Езеро ќе се одржи второто издание на фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“. Организаторите на фестивалот за оваа година најавуваат посодржајно фестивалско издание, чие отворање започна на оригинален начин, со филмска проекција на брод. Паралелно ќе се одржуваат и проекции на плажата „Оревче“, а секоја вечер за време на фестивалот ќе биде заокружена со музичка програма. Фестивалската програма предвидува и обука за средношколци, што ќе се одржува во гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид, на која тие ќе се запознаат и обучуваат како да пишуваат филмска критика.

Учество на фестивалот имаат потврдено млади, но и реномирани режисери, актери, продуценти чии филмови ќе бидат во натпреварувачкиот дел, поделен во три категории – долгометражни, краткометражни и студентски филмови.
– Оваа година во чест на професорот, режисер и актер Стефан Сидоски ќе се доделува награда за најдобро актерско остварување, што ќе го носи неговото име, нешто што ќе прерасне во традиција – изјави уметничката директорка на фестивалот, Ана Опачиќ.
Годинава жирито за долгометражен филм го сочинуваат актерите Никола Ристаноски и Јудита Франковиќ-Брдар, како и англискиот директор на фотографија Џон Крејн. Во жирито за краткометражни филмови ќе бидат српскиот филмски режисер Иван Јовиќ, актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска и кастинг-директорката, охридската актерка Јасмина Билаловиќ.

Во соработка со „Криејтив јуроп медиа деск“, на 20 јули од 19 часот, на бродот „Галеб“ ќе се одржи панел -дискусија за жените во филмот, која ќе ја води Дина Иорданова, професорка по светска кинематографија на универзитетот „Сент Ендру“ во Шкотска. Панелистки на овој настан ќе бидат актерките: Јудита Франковиќ-Брдар, Сања Дракучиќ, Наташа Петровиќ, продуцентките Елена Станишева и Беверли Лавли, раководителката на „Криејтив јуроп медиа деск“, Бистра Георгиева, режисерката Мина Џукиќ, сценаристката Моња Милинковиќ-Јовиќ и професорката Ана Мартиноска.
На програмата на фестивалот се филмови на автори од Франција, Германија, Холандија, Белгија, Турција, Македонија и државите од регионот.