Филмот „Втора шанса“ – прв долгометражен филм на режисерката Марија Џиџева синоќа премиерно беше прикажан во кино „Милениум“ и го отвори 22. Скопски филмски фестивал. Оваа македонско-српска копродукција што почна да се снима во 2016 година е психолошка драма на три жени соочени секоја со лична борба да го најде излезот, а амбиентот во кој се сместени приказните е конфликтот во 2001 година.

Режисерката Џиџева, која досега ни е позната по голем број и често наградувани документарни и кратки филмови, на прес-конференција денеска рече дека по синоќешната премиера има чувство дека овој „женски“ филм особено ќе комуницира со женскиот дел од публиката.

-Приказната е секојдневна и современа, ставена е во историски рамки, но функционира и денес- рече Џиџева за филмот за кој сценариото го напиша Огнен Георгиевски.

Според продуцентот Светозар Ристовски, вакви женски приказни не се среќаваат во македонската кинематографија.

–Одлична, минималистичка приказна и зрела тема- рече Ристовски.

„Втора шанса“ е филм  за три жени од 30, 40 и 50 години – Сандра, Елеонора и Ангелина, кои живеат во иста зграда, а не комуницираат и чии животни приказни се испреплетувааат, доловувајќи различни перспективи на жени и мајки, но и за себесоочувања со најинтимните моменти на одлуки.

Актерката Мирјана Карановиќ рече дека допирни точки на трите нив, кои имаат различни приказни и судбини, се лифтот и болницата, а заедничко им е прашањето: Како да се оди понатаму?  Таа игра лик (Ангелина) на потисната, безгласна жена во семејството, која не зборува за проблемите туку ги чува во себе.

-И кога го поддржува синот, тоа го прави насамо, кога е со него, а не јавно. Тоа е затоа што живееме на простори каде што да се зборува отворено е слабост. Тоа се случува на Балканот, но и во други делови од светот кои повеќе поминувале во војни и беда наместо долги периоди на мир и благосостојба. Тоа се пренело и на воспитувањето – молчи и ништо не прашувај. Кај нас е всадено сѐ да се држи во себе- рече познатата српска актерка.

Сепак, додаде, самата сцена во која Ангелина е прикажана на клупа на железничка станица, без билет и без куфер, иако не гледаме дека заминува некаде, веќе има значење на одлука да се направи поинаков чекор.

– Со таквиот недефиниран крај, приказната останува отворена, додаде Карановиќ.

Актерката Наталија Теодосиева, која ја игра 30-годишната Сандра, дополни дека не само лифтот и болницата, туку ги поврзува и конфликтот во 2001, за кој не разговараат. –Иако сите три имаат искуства и трпат штети од тој конфликт, тие молчат, рече Теодосиева.

Даниела Иваноска, која ја игра 40-годишната Елеонора, додаде дека секоја од нив е соочена со прашањето како да го преживее денот во психозата предизвикана од конфликтот.

–Но оставен е простор самите да ги осудите или да ги поздравите нивите избори, рече Иваноска.

Иако контекстот на филмот е конкретен настан – масакрот кај Вејце пред 18 години и имплицира дека загинатите се предадени од извесен моќен началник, кој во филмот е именуван Миле, но не се појавува како лик, режисерката Џиџева рече дека филмот е фикција, а Миле, рече, останува енигма. Актерката Карановиќ додаде дека Миле е „спрега на власт и криминал“ позната во сите наши општества.

Машките ликови во филмот ги играат актерите Данчо Чевревски, Златко Митрески, Димитар Ѓоргиевски и Дениз Абдула. На прес-конференцијата присуствуваше Чевревски кој рече дека сите актери во „Втора шанса“, освен Карановиќ, се негови студенти и додаде: Големо е задоволството кога ќе сфатите дека учениците го надминале професорот.