Со стартот на седмицата, Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) полека влегува во втората половина од своето 11-то издание. Публиката, вечерва од 18 часот ќе има уште една шанса репризно да ги погледне студентските краткометражни филмови на рускиот режисер Андреј Тарковски, во соработка со Амбасадата на Руската федерација во Скопје, Кинотеката на С. Македонија и Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“. Во кинотечната сала во Кинотеката ќе биде прикажан првиот филм на Тарковски од филмската академија во Москва, УБИЈЦИ (1956), којшто е адаптација на истоимениот класик на Хемингвеј. По него следува НЕМА ДА ИМА ОТПУШТАЊЕ ДЕНЕС (1959), втор филм на Тарковски од неговите студентски денови, трилер базиран на вистински поствоен инцидент. За крај, филмофилите ќе можат да го проследат и дипломскиот филм на Тарковски, ПАРНОТО ТРКАЛО И ВИОЛИНАТА (1960), топла приказна за една необична средба на малиот Саша, во којашто веќе се огледува уникатната естетика, сензибилитет и она што потоа ќе стане препознатлив филмски печат на Тарковски. Проекцијата ќе биде бесплатна.

Посетителите ќе имаат уште една можност да го проследат излагањето на рускиот професор Игор Евлампиев од Државниот универзитет во Санкт Петерсбург, автор на книгата „Филозофијата на уметноста на Андреј Тарковски“ од 2001 која дава детална анализа на филозофскиот светоглед на Тарковски, ги разгледува неговите филмски дела во поширокиот контекст на руската и западната филозофија од 19. и 20. век, и го преиспитува односот меѓу филмот и филозофијата. Во творештвото на Тарковски, според Евлампиев, е сеприсутна критиката на кризата во современата цивилизација.

Според него, „Стремежот на современата цивилизација да се потпира само на научно – техничките достигнувања, на надворешен начин покорувајќи ја природата, е лажен пат. За него бил принципиелен поимот на непознатата, бескрајна длабочина во човекот. Современата цивилизација не обрнува внимание на таа страна од нашето битие, а тоа било главното во философијата на европските народи векови наназад. Европските филозофи, уметници зборуваа за бескрајноста на човекот, за божествената природа во човекот. Тарковски ја продолжува таа традиција. Тој смета дека внатре во човекот е она најглавното што треба да се земе предвид при развојот на цивилизацијата. А цивилизацијата оди по друг пат, таа оди кон надвор да го шири своето влијание и моќ, се обидува да ја покори природата преку нејзино рационално спознавање. Тоа прави човек да се заборави себеси, да ја заборави својата божественост и да не се обидува да ја оствари својата бескрајност. Во тоа, Тарковски ја видел можноста да се надминат сите наши проблеми“ – потенцира Евлампиев.

Вечерва со почеток од 20.30 часот продолжуваат и проекциите на краткометражните филмови од официјалната селекција. Доколку дозволат временските услови, публиката во летното кино „Мирно лето“ ќе ужива во 11 филмски остварувања од целиот свет (слободен влез). Во спротивно, ќе ги проследи филмовите внатре, во Кинотеката. Во конкуренција за „Златен був“ од публиката и жирито, ќе се натпреваруваат перуанскиот филм ТИШИНАТА НА РЕКАТА (El Silencio del Río), грчкиот ПОЛА (Pola), португалскиот УРСУЛА (Ursula), остварувањата од Норвешка РИБА (Fisk) и ЗАСЕГНАТИТЕ (The Affected), францускиот ПИПО И СЛЕПАТА ЉУБОВ (Pipo and blind love), египетскo – германската копродукција СТАПИЦА (Fakh), израелскиот ПЕТ – СЕДУМ – ПЕТ (Five – Seven – Five), како и иранскиот филм СОНА (Sona).

Во рамки на натпреварувачката програма, конкурираат три македонски филмови. Првиот, ПРАШЛИВИ ЦВЕЌИЊА на Мирослав Илиќ беше прикажан вчера, а вечерва љубителите на краткометражни филмови ќе можат да ги проследат и ПОСЛЕДНАТА СВЕТЛИНА на Јован Саркањац и КАВАЛ на Саша Станишиќ.

Инаку вчера на ФФФ беа прикажани две остварувања од официјалната селекција на долгометражни филмови – АВИВА и ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА, како и првата вечер од 10 краткометражни филмови со натпреварувачки карактер.