Авторките на речникот со градоначалникот на Велес, Аце Коцевски

Првиот голем Хрватско-македонски речник (претходно постоеше само џебно издание) ќе им биде од корист на студентите по македонски јазик во Хрватска, кои, за чудо, секоја академска година ги има сѐ повеќе, оваа година се запишале дури 37 бруцоши. Авторките на речникот велат некои се поттикнати од своето македонско потекло, но повеќето бидејќи едноставно им се допаѓаат македонскиот јазик и култура, како популарната, така и традиционалната.

Почесното Рациново признание годинава го добија две научнички од Хрватска што го приредија првиот Хрватско-македонски речник. Вишата лекторка по македонски јазик Борјана Прошев-Оливер, која нашиот јазик го предава на Филозофскиот факултет во Загреб, и лексикографката Дијана Влатковиќ беа наградени за посебни заслуги во афирмацијата и промоцијата на македонскиот јазик, книжевност и култура надвор од Македонија, признание што секоја година се доделува во рамките на манифестацијата „Рацинови средби“ во Велес, родниот град на поетот Кочо Рацин, втемелувач на современата македонска поезија и книжевност. Последниве години уште двајца хрватски автори го добиле почесното Рациново признание, театрологот и професор по македонска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб, Борислав Павловски и постхумно, писателот Предраг Матвејевиќ.
Речникот за кој авторките го добија признанието настана како плод на нивната петгодишна работа, а го издаде Матицата на Македонците во Хрватска. Пред овој речник, кој содржи повеќе од 30 илјади збора на 1.246 страници, постоеше само џебно издание.

Хрватски „Т-портал“ опширно пишува за овој лексикографски потфат. Точно 30.447 збора содржи првиот голем Хрватско-македонски речник.
– Петгодишната заедничка работа на ова капитално лексикографско дело резултира и со пријателство на двете научнички, кои особено се горди што речникот е создаден надвор од институциите и е израз на преференциите на авторките. Ентузијазмот со кој тргнале во овој проект за премостување на јазичните бариери меѓу говорниците на хрватскиот и македонскиот јазик најдобро го отсликува математиката на овој проект: ниеден збор во речникот не бил платен повеќе од една куна, а некои објаснувања преминуваат и над 60 реда.
Но тоа не ги поколебало да се впуштат во оваа работа, пионерска на овие простори, и да го создадат првиот двојазичен речник, кој наедно е и толковен, 15 пати пообемен од претходното џебно издание – пишува хрватски „Т-портал“.

Вишата лекторка по македонски, со 30-годишен работен стаж на Филозофскиот факултет во Загреб, не се колеба дека постои потреба од ваков голем речник на два мали јазика. Таа смета дека тоа првенствено е битно заради македонското малцинство во Хрватска, но и заради студентите по македонски, кои, за чудо, секоја академска година во Хрватска ги има сѐ повеќе, оваа година се запишале дури 37 бруцоши.
– Би се очекувало македонистика да запишуваат само студенти поттикнати евентуално од своето македонско потекло. Има и такви, но повеќето се запишуваат на нашите студии бидејќи едноставно им се допаѓаат македонскиот јазик и култура, како популарната, така и традиционалната. Во таа смисла предничи музиката, песните на Тоше Проески, Влатко Стефановски и Калиопи, Даниел Кајмаковски, но како мотивациска алка се појавува и популарниот филм „Пред дождот“, во кој главната улога ја играше Раде Шербеџија. Некои од студентите се членови на некое културно-уметничко друштво во кое се пеат македонски народни песни и се играат македонски ора – вели за „Т-портал“ Борјана Прошев-Оливер.

Нејзината колешка и соработничка Дијана Влатковиќ, долги години вработена во лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“, како и во „Школска книга“, работела на петнаесетина речници досега, а значајното искуство ѝ помогнало многу во создавањето на почетните хрватски колони во Хрватско-македонскиот речник.
Таа истакнува дека нивниот речник е поинаков од вообичаените двојазични речници бидејќи во секоја структура на појдовниот, хрватски јазик е придружен еквивалент во преводната македонска колона. Такви двојазичници во хрватската лексикографија нема и нивниот потфат е навистина единствен. Рецензентот на изданието, кроатистот Марко Самарџија, истакнува дека меѓу вредностите на овој речник е тоа што е работен така што со издвојување на хрватската страна лесно може да се добие многу солидна основа за прирачен еднојазичен речник на хрватскиот јазик. Македонските рецензентки, пак, научните советнички во институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, Веселинка Лаброска и Лидија Тантуровска, истакнуваат дека авторките имале доста работа со преведувањето на поморските називи на македонски, некои зборови се позајмени, а некои морале да бидат описно преведени.
Во врска со акцентот, Прошев-Оливер истакнува дека тој во македонскиот јазик е динамичен, доаѓа на третиот слог од крајот на зборот, па поради тоа не се поклопува со акцентирањето во хрватскиот јазик и главно македонските презимиња не се акцентираат правилно во Хрватска.

– Тоа оди толку далеку што и изворните Македонци во Хрватска се претставуваат со погрешен акцент – појаснува Борјана Прошев-Оливер.
Македонскиот јазик се учи педесет години на Филозофскиот факултет во Загреб, а интересно е како низ половина век течело разбирањето меѓу говорниците на хрватскиот и македонскиот јазик и како денес се поврзани овие две културни средини.
– Македонците родени и школувани во поранешна Југославија, начелно, се билингвални, бидејќи во училиштата како задолжителен предмет учеле еден од службените, но и доминантниот српско-хрватски јазик, па читале литература на српски или на хрватски. Денес, кога постојат книжевни и стручни преводи на македонски, генерациите по распадот на Југославија го разбираат хрватскиот благодарение на поплавата на хрватски сапуници на македонските телевизии – вели професорката Прошев-Оливер.

Според неа, иако станува збор за два јужнословенски јазика, генетски и типолошки сродни, кои го делеле искуството на општествено-културниот југословенски контекст, не треба да се занемари дека тие припаѓаат на два различни цивилизациски круга: хрватскиот словенско романски и македонскиот словенско ортодоксен.
– Сеедно, многу зборови има што овие два јазика ги делат. По стандардизацијата во 1945 г., македонската терминологија се создавала со помош на неологизми, но и со позајмување од сега непостојниот српско-хрватски јазик, како и посредно со преземање на многуте интернационализми – вели Прошев-Оливер.
Во текот на работата авторките се соочиле со актуелните мислења за двата јазика и влијанието на странските зборови.
– Во двата јазика се воочува пуристички однос кон агресивните интернационализми. Се чини дека динамиката на прифаќање на нивните „домашни“ варијанти е побавна – заклучуваат авторките во опсежниот разговор објавен во „Т-портал“.