Временските граници не постојат“ е насловот на меѓународната изложба на која учествуваат чешко-македонските уметници: Ленка Сарова Малиска, Карел Штаинер и Петра Јовановска. Изложбата е отворена во големиот салон на галерија „Ко-ра“ на домот на културата „Кочо Рацин“, кураторка е Петра Јовановска.
– Дадениот момент, времето ги поврзува овие уметници и прави една симбиоза на нивните трудови ставени во еден простор во одредено време. Времето како еден несфатлив феномен на настани. Талкање наназад за да се преиспита помнењето. Од минато време да се заклучи сегашноста. Да се води еден личен дијалог со минатото време – ќе посочи меѓу другото кураторката на оваа изложба, која е поддржана и од амбасадата на Република Чешка во Македонија.
Ленка Сарова Малиска (1981) е родена во Чешка, каде што дипломирала на универзитетот „Ј.Е. Пуркиње“ во Усќи над Лабем. Таа реализирала голем број самостојни изложби (Чешка, Бугарија, Германија итн.), а учествувала и на голем број групни изложби, работилници, меѓународни ликовни колонии, симпозиуми. Добитничка е на неколку награди, а работи во Карлови Вари, каде што има свое дизајнерско студио за порцелан.
Карел Штаинер (1953) е роден во Прага, дипломирал на колеџот „Хемилти“ и на Модниот институт за технологија во Њујорк. Досега реализирал голем број самостојни изложби во Чешка, Франција, САД, Италија, Луксембург и др. места, а учествувал и на голем број меѓународни групни изложби, симпозиум и работилници за фотографија. Работи како професор по фотографија во Париз, Франција. Петра Јовановска (1972) е родена во Чешка, а дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирала 47 самостојни изложби и учествувала на над 300 групни изложби.